Ибра не е опседнат со пехарот во ЛШ

Иако само тој трофеј го нема освоено во богатата фудбалска кариера, најголемата ѕвезда во дресот на актуелниот шампион на Франција, тимот на ПСЖ, Златан Ибрахимовиќ, откри дека не е опседнат со пехарот кој е наменет за најдобриот тим во Лигата на шампионите.

„Се уште сум разочаран од елиминацијата од Лигата на шампионите, најмногу поради фактот дека Челзи во ништо не беше подобар од нас, но сепак успеа да слави на крајот. Имавме златна шанса што ја испуштивме, но убеден сум дека во следните неколку години ќе бидеме уште поблизу до врвот на Европа. Доколку се искачиме, тоа ќе биде супер, но нема да биде страшно и ако тоа не се случи. ЛШ не ми е опсесија, со најновата титула во Франција ќе стигнам до бројката од 23 трофеи во кариерата, што сигурно не е за потценување“, изјави Ибракадабра.