Ибрахими: И годинава голем интерес за бесплатна бања и викенд

ибрахими

За користење на услугите за бањско климатска рекреација и бесплатен викенд за пензионери за годинава се пријавени 20.059 корисници на пензија. Од нив, 14.211 поднеле барање за користење бањско-климатска рекреација, 2.540 за бесплатен туристички викенд и 3.308 поднеле барање или за бања или за викенд, информира на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

Додаде дека меѓуресорска комисија неделава ќе почне со разгледувањето и рангирањето на секое поединечно барање по бодови во распон од 1 до 100 бода. Рангирањето се врши истовремено за поднесени барања за користење на двете услуги.

До 50 бодови се добиваат за висината на пензијата, од 1 до 15 за времетрање на користење на пензијата, од 1 до 15 за вкупниот пензиски стаж пред остварување на пензијата, 10 бодови за пензионери кои работеле во рудници и 10 бодови за лице кое користи надоместок за помош и нега од друго лица, за мобилност, слепило или глувост и за лица кои имаат инвалидност над 80 проценти, појасни Ибрахими.

Услугата за бањско-климатска рекреација ќе се користи во Негорски бањи, Катлановски бањи, Дебарски бањи Цапа и ЈЗО Бања Банско, а на бесплатен викенд пензионерите ќе можат да одат во хотелски објекти во Охрид, Струга, Дојран, Крушево, Преспа и Берово.

Корисникот на пезнија, додаде Ибрахими, може да користи само една од двете услуги. И двата проекта, рече, освен што овозможуваат подобрување на здравјето на повозрасните лица, нивна рехабилитација и социјализација, влијаат и на развојот на бањскиот туризам и хотелскиот туризам во Република Македонија.

Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија Драги Аргировски истакна дека овие два проекта се мошне значајни за пензионерите. Тие, рече, им овозможуваат да се социјализираат и да воспостават нови пријателства.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.