Спорт

Ибрахимовиќ го “омекнува” ставот – можна е преселба во Милан

Ибрахимовиќ го “омекнува” ставот – можна е преселба во Милан

Откако минатата недела јасно изјави дека планира да го одработи до крај договорот со ПСЖ, шведскиот репрезентативец Златан Ибрахимовиќ сега полека ја менува плочата и својот план.

Познато е дека за него е силно заинтересиран Милан, а напорот на Адриано Галијани изгледа полека да вродува со плод. ПСЖ одеднаш не е главен приоритет за еден од најдобрите светски фудбалери во моментов.

“Имам уште една година од договорот со ПСЖ и во моментов му припаѓам на овој клуб. Но, како што поминуваат годините, се повеќе размислувам за изборот на нова средина. Повеќе не се важни само парите, туку квалитетот на живот, семејството и среќата. Многумина сметаат дека најважен критериум е Лигата на шампионите, но воопшто не е така. Сакам да играм каде што сум среќен и ако не ја освојам ЛШ, верувајте, мојата кариера ќе остане волшебна. Можеби ќе си заминам од ПСЖ”, изјави Ибрахимовиќ.

Во својата кариера, тој освои 12 шампионски титули во земјите каде што играше со Ајакс, Јувентус, Интер, Барселона, Милан и ПСЖ. Во Милан играше две години и постои шанса таму да се врати и да го почне препородот на овој клуб.