Ибраими клучен во пласманот на Марибор во следната рунда

Агим Ибраими беше клучниот играч на синоќешниот натпревар во кој неговиот Марибор се избори за нерешен резултат против Макаби Тел Авив, што значеше и пласман во четвртото квалификациско коло од Лигата на шампионите.

Ибраими беше стрелец на двата погодока за Марибор, со кои словенечкиот првак дури и да испадне од Лигата на шампионите, ќе продолжи да се натпреварува во Лигата на Европа, па поради тоа овие погодоци на нашиот репрезентативец добиваат на значење уште повеќе.

Сепак, она што вистински плени кај македонскиот интернационалец е неговата скромност, иако медиумите во Словенија го прогласија за херој.

„Дадов два гола и пресреќен сум поради тоа, но заслугите одат кај целиот тим, сите заедно изгинавме на терен за да го оствариме овој голем успех за нашата екипа. Чувството е фантастично, неверојатно, за вакви радости се вратив назад во Марибор, бидејќи верував дека можеме да оствариме успех и на меѓународната сцена. Немаме многу време за славење, допрва ни претстои вистинскиот предизвик, не треба да застанеме тука, туку да дадеме се од себе за да заиграме во Лигата на шампионите“ – порача Ибраими по своето извонредно издание на мечот на Кипар против Макаби Тел Авив.