ИД годишно заработува 200 милиони долари од илегална трговија со уметнички дела

Исламска држава во Сирија и Ирак годишно заработува помеѓу 150 и 200 милиони долари од илегалната трговија со уметнички дела, антиквитети и археолошко богатство, наведува постјаниот претставник на Русија во ОН Виталиј Чуркин во писмото упатено до Советот за безбедност, пренесува „Танјуг“.

Околу 100.000 културни објекти од светско значење, како и 4.500 археолошки наоѓалишта од кои 9 се на листата на светското културно наследство се под контрола на ИД во Сирија и Ирак, напиша Чуркин.

Чуркин истакна дека тие антиквитети во најголем дел се криумчарат преку турска територија, пренесува Ројтерс.

Главниот центар за криумчарење на предмети од културното наследство е турскиот град Газиантеп, каде што крадените предмети се продаваат на нелегални аукции, а потоа и преку мрежите на антикварници и на локалниот пазар, тврди Чуркин.

Според неговите наводи, накитот, паричките и другите ограбени предмети се пренесуваат во турските градови Измир, Мерсин и Анталија каде што криминалните групи произведуваат лажни документи за нивното потекло.

Антиквитетите потоа се нудат на колекционери од разни земји, воглавно преку интернет аукции и специјализирани онлајн продавници, како што е иБеј, вели Чуркин.