ИД испрати закани до Германија

Исламската држава испратила закани до германските власти дека може да ја снајдат терористички напади слични на нападот извршен во седиштето на сатиричниот француски весник Шрли Ебдо во Париз, јави МИА.
Во триминутното видео објавено вчера на интернет германските власти се предупредени дека „Во Франција делата се извршени, а во Германија спијачите (притаени членови на ИД) се уште чекаат“.
Пораката е испратена од Денис Касперт, триесет и деветгодишен германски рапер од Берлин познат под своето уметничко име Десо Дог.
Западните безбедносни служби сметаат дека Касперт е дел од екипата која што ги продуцира пропагандните филмови на британскиот џихадист Мохамед Емвази во кои ИД  обезглавува киднапирани заложници.
Денеска во главниот град на Германија нема видливо зголемени мерки на безбедност. Од околу 600 германски граѓани кои што се евидентирани како борци за радикални исламски структури во Ирак и Сирија досега во земјата се вратени над 120. Сите тие се под мониторинг на германските власти, а дел од нив се соочуваат со судски процес и затворски казни ако се докаже нивно учество во воени активности надвор од Германија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.