ИД ја минираше рафинеријата во ирачкиот град Баиџи

Џихадисти од терористичката група Исламска држава (ИД), кои имаат контрола над дел од најголемата нафтена рафинерија во Ирак во градот Баиџи, поставиле мини околу големиот комплекс и се подготвени да ги активираат доколку ирачките безбедносни сили се обидат да преземат контрола врз него, објави телевизискиот канал „Ал Арабија“.

Според телевизијата, екстремистите ископале ровови покрај неколку резервоари за природен гас и водород, кои се употребуваат при производство на нафтени деривати и во нив ги поставиле експлозивните направи.

При обид рафинеријата да биде преземена при успешна интервенција на ирачката војска против позициите на ИД во Баиџи, џихадистите се подготвени да ги активираат поставените мини, што ќе доведе до целосно уништување на објектот, наведува телевиизјата.

На овој начин џихадистите од ИД имаат за цел да се заштитат и од воздушните напади на меѓународната коалиција и да спречат евентуални бомбардирања на позициите на ИД во близина на рафинеријата.

Во последните месеци военото воздухопловство на САД и нивните сојузници во коалицијата извршија над 300 напади врз упоришта на исламистите во близина на градот Баиџи.