ИД планира напади на плажи во Франција, Италија и Шпанија

Италијанските разузнавачки служби предупредуваат дека се планирани терористички напади на познатите плажи во Европа, а дека џихадистите најверојатно ќе нападнат маскирани како продавачи на сладолед или на маички, пренесува Дејли Експрес.

Се очекува дека летово се можни напади во Европа, слични на оние од Тунис минатата година.

Германскиот весник „Билд“ повикувајќи се на информации од германската разузнавачка служба БНД пишува дека џихадистите на Исламска Држава планираат напади на познати европски летувалишта.

Според известувањата италијанската разузнавачка служба овие информации ги добила од доверливи извори од Африка.

„Билд“ пишува дека се планираат напади со автоматско оружје на пренатрупаните плажи, напади на бомбаши самоубијци и подметнување на експлозивни направи. Најверојатна цел на нападите би можеле да бидат одмаралиштата во јужна Франција, Коста дел Сол во Шпанија, како и двата брега на Италија.

Ова ќе биде сосема нова димензија на тероризам. Плажите неможат да се заштитат, ја цитира весникот изјавата на претставник на БНД.

Се очекува дека за таа цел ќе бидат ангажирани лицата што постојано патуваат од Африка во Европа, а кои се приврзаници на групата Боко Харам – терористичката организација што веќе се изјасни дека ги поддржува џихадистите од ИД.

Инаку, досега Германија не издала никакви препораки ниту пак ограничувања за нивните државјани за земјите што се сметаат дека се под потенцијална терористичка закана.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.