ИД произведува оружје за соборување патнички авиони

Терористите од Исламска држава можат да произведат оружје што би можело да соборува патнички и воени авиони, јави телевизијата „Скај њуз“.

Како што се наведува, експерти и научници кои работат за ИД во градот Рака, успеале да произведат импровизирани топлотни акумулатори за ракети од типот „земја воздух“.

Тие на тој начин можат да модернизираат илјадници ракети за кои западните власти тврделе дека се застарени.

Во исто време, терористите тие ракети ќе можат да ги опремат со термичко наведување, што би ја зголемило нивната прецизност на 99 отсто, истакнува „Скај њуз“.

И весникот „Индипендент“ пишува дека терористите одамна имале пристап до тие застарени ракети, но меѓутоа, ја немале неопходната технологија за да ги користат.

Напоредно со тоа, терористите спровеле тестирање на автомобил со далечинско наведување, што би бил користен за терористички напади.

Автомобилот би бил наполнет со експлозив и контролиран со далечински управувач, додека зад воланот би седела кукла.