ИД употребилa боев отров против сириските владини војници

Џихадистите на Исламска држава (ИД) употребиле боев отров против војниците на сириската армија, соопштија медиумите во Дамаск.

Инцидентот се случил во реонот на воздухопловната база во Деир ал Зур, во североисточна Сирија, откако џихадистите отвориле артилерски оган врз базата, што припадниците на ИД се обидуваат да ја освојат.

Во соопштението на војската, што го пренесуваат сириските медиуми, се вели дека терористите на Даеш, како што на арапски се нарекува ИД, ја нападнале базата со гранати наполенети со иперит, предизвикувајќи повреди кај дел од војниците.

Голем дел од градот Деир ал Зур, во кој живеат околу 200 илјади жители, со месеци се наоѓа под опсада на џихадистите.

Претходно, оваа година, ОН првпат почна да им дотура храна и медицинска помош на овие луѓе, во областа која се уште е под владина контрола.

Воздухопловната база која е јужно од градот, е последното владино упориште во провинцијата, која главно е под контрола на џихадистите на ИД.

Сулфурниот иперит, познат како иперит гас, е во течна состојба на нромална надворешна температура. Тој претставува силен иритант што предизвикува тешки оштетувања на кожата, очите и на респираторниот систем.

Минатиот месец ИД изврши напад со боев отров врз градот Таза, при што беа убиени жени и деца. Во август минатата година, ИД со иперит гас ги нападна и позицииите на курдската пешмерга во северен Ирак.