ИД загубиле 22 проценти од територијата

Терористичката група Исламска држава во последните 14 месеци загубила 22 проценти од територијата што ја контролираше во Сирија и Ирак и 40 проценти од своите приходи, се наведува во анализата на американската консултантска компанија ИХС.

Како што јави ТАСС, според оценки на аналитичарите на компанијата, во последните три месеци територијата под контрола на ИД е намалена за осум проценти.

Одвојувањето на граничните премини меѓу Сирија и Турција, северно од сирискиот град Рака, ги отежнува операциите на ИД за транспорт на нафта, дополнува аналитичката фирма. Сега овие премини се наоѓаат под контрола на сириските Курди.

Бројот на екстремисти кои од Велика Британија и Блискиот исток преминуваат на териториите под контрола на ИД, во последно време, исто така, е намален. Оваа тенденција е поврзана со загубата на територии во Сирија, ликвидирањето лидери на ИД и намалувањето на финансиските приходи на терористичката организација.

Ирачките весници денеска информираат дека курдските сили во Ирак, една шиитска милитантна група поддржана од Иран и ирачката армија во најскоро време ќе почнат офанзива за да ги потиснат  борците на ИД од северниот ирачки нафтен регион Киркук.

Операцијата ќе ги доближи противниците на ИД до Мосул, најголемиот ирачки град под контрола на џихадистите.