Идејата за нов грб историски основана и документарно потврдена

Промената на државниот грб ни треба и таа требаше порано да се направи. Предлог-решението за грбот кој се нуди има историска подлога во грбовниците од доцниот среден век, па и во раниот нов век. Идејата за новиот грб е историски основана и документарно потврдена.

Ова го посочија претставници на Институтот за национална историја, Институтот за истроија при Филозофскиот факултет, претставници на Здружението на хералдичари и други стручни лица од оваа област на дебата за предлогот за нов државен грб на Република Македонија, која се одржа на Институтот за национална историја.

Директорот на Институтот за национална историја, Драги Ѓоргиев рече дека идејата е да се дискутира за предлогот во рамките на историската наука, односно да се дискутира за заснованоста, за корените, за традицијата на тој предлог, на тој симбол во историјата на Македонија.

Милан Бошковски од Институтот истакна дека лавот живеел на територијата на Македонија во антиката, како симбол е присутен на монетите од античките македонски кралеви и во историските извори како симбол се актуелизира во 10. век.

– Во 11.век со појавата на повеќе западно-европски држави и јакнењето на благородништвото, во расцепканите кнежевства во Западна Европа почнува појавување на семејни грбови за да се истакне значењето на одредено влијателно семејства. Во Западна Европа се појавуваат грбовници кои главно отсликуваат тврдина на некој град. Идејата за земскиот грб со претстава на лав на Македонија мислам дека е историски основана и документарно потврдена, рече Бошковски.

Лавот, нагласи, е присустен освен во 17 век и во 18 и 19 век со востанијата на македонскиот народ, како што е случајот со Разловечкото востание кога првпат го среќаваме и ја одразува борбата на Македонците за национална слобода.

– Со појавата на Македонската револуционерна организација и периодот за национално ослободување особено илинденскиот период речиси да нема востаничко знаме на кое на едната страна е претставена девојка која ја симболизира Македонија додека на другата страна речиси без исклучок е претставуван лавот. И на капите на востаниците бил претставуван лавот, додаде Бошковски.

Историчарот и професор на Филозофскиот факултет, Ванчо Ѓорѓиев рече дека прашањето со кое најчесто се соочувале деновиве кое често пати му било доставувано било: Зошто сега и дали ни треба грб на Република Македонија?

Посочи дека неговиот одговор секогаш е „Да, затоа што не го направивме досега, требаше многу порано“.

– Ако подлабоко навлеземе да ги проучиме изворите и литературата ќе видиме дека македонскиот грб може да го сретнеме во две основни варијанти: жолт лав на црвена основа и црвен лав на жолта основа. Но, никогаш не е заменет со бугарскиот. Замена можеби настанала во науката во некои трудови итн. со интерпретациите, но тука не може да стане збор за некакво толкување. Исклучиво се работи за македонски грб кој можеме да го сретнеме во две основни варијанти, нагласи Ѓорѓиев.

Додаде дека ова е грб кој се наоѓа во стематографијата на Христифор Жефаровиќ од каде повеќето народи ги земаат своите грбови.

Јован Јоновски, претседател на Хералдичкото друштво истакна дека првпат имаме предлог-решение од Владата кое е дадено на јавна расправа.

– Во хералдиката лавот е најчесто употребуваниот амблем и поради тоа освен боите, лавот сам по себе не претставува симбол на некого, туку во зависност од комбинацијата со боите можно е да биде. Во Европа има многу грбови каде разликата е во боите како прво. Лавот не се карактеризира само со својата претстава, туку и со позите во кои тој е претставен и секоја негова поза ни дава друг поинаков грб, рече Јоновски.

Според него, само употребата на хералдичките бои не дава премногу комбинации и затоа се потребни други адаптации на лавот, тука е позата пред се, а главните агументи се главата, нејзината позиција и дали има круна и дали опашката е единечна, двојна или раздвоена итн. Затоа, потенцира тој, кога се набљудува еден грб, потребно е да бидат дефинирани сите овие работи.

– Овој грб се разликува во три основни фундаментални работи: прво боите кои се најважното нешто, значи тука имаме црвен лав на златна основа и единечна опашка. Понатаму, овој лав не е крунисан. На грбот на ВМРО-ДПМНЕ и партиите кои произлегоа од таму е крунисан и има двојна опашка, рече Јоновски.

Појасни дека стематографијата на Жефаровиќ е основа на грбовите од балканските народи и бидејќи таа е првото дело направено на словенски јазик кое е испечатено во четири едиции, станува еден апсолутен стандард за хералдиката на месните грбови од своето прво издание од 1741 година, па до денес.

– Што е многу специфично за овој грб, е дека тој не останува само во грбовниците. Веќе тој излегува од грбовниците и почнува веќе да се користи. Го имаме на Рилскиот манастир, на знамето во Разловечкото востание и на многу други места. Сметам дека со Разловечкото востание овој симбол веќе почнува да добива една државотворна улога, додаде Јоновски.

Според Драгица Поповска од Институтот за национална историја, грбот ја одразува денешницата, нашето денешно живеење и научната фела треба да го поддржи.

Професор Стефан Влахов Михов рече дека не е потребно да се бара конкретно апсолутна точност како во историјата и дека имаме варијанти.

– Побитно е тоа што ќе биде одлучено како грб каква порака ќе има за денешницата и за иднината. Нашиот грб мора да биде лав, но истовремено мора да има симболи, посочи Михов.

МИА