Идентификуван напаѓачот од Суруч, билансот на мртви се искачи на 32 лица

Турските власти веруваат дека една од припадничките на екстремистичката група Исламска држава, која заедно со уште две жени борци од Сирија преминале во Турција, стои зад самоубиствениот напад во Суруч, во кој, според најновиот биланс, загинаа 32, а ранети се стотина лица, пишуваат турските медиуми, пренесува МИА.

Генералниот директорат за безбедност во јуни предупреди дека три припаднички на ИД – Фадиме Курт, Езлем Јилмаз и Нурај Демирел, можат да изведат самоубиствен бомбашки напад во Турција, известува дневниот весник „Хабертурк“.

Фотографијата на Јилмаз им била дадена на локалните власти со доверлив извештај за „можниот напад“.

Цел на вчерашниот напад беше општинскиот културен центар во Суруч, град во југоисточната провинција Шанлиурфа, каде членови на Сојузот на здруженијата на социјалистичката младина (СГДФ) биле сместени како дел од летниот семинар за помош во обновата на Кобане, што се наоѓа директно од другата страна на границата во Сирија.

Турскиот премиер Ахмед Давутоглу потврди дека ИД е главниот осомничен за овој напад.