Идентификувани можни цели на терористите во Франција

Француските тајни служби утврдија седум можни цели на терористите во Франција: квартот Дефанс во Париз, аеродормот во Тулуз, петрохемиската зона на Јужен Лион, Европскиот музеј во Лил, мостот во Сант Назер, Европскиот парламент во Стразбур и пристанишната зона во Марсеј – Фос, јавува дописникот на МИА од Париз.

Овие идентификации на можни терористички цели е направена со анализа на форумите на кои дискутираат џихадистите на интернет, јави француската телевизија Франс 3, повикувајќи се на документ на француското воено разузнување. Документот е насловен „Каков начин на делување за која цел“, а разузнавачките служби прават не само листа на ризичните места во Франција, туку и начинот на кој би можеле да интервенираат терористите.

Во квартот Дефанс во Париз постои ризик од напад со дрон-бомба. На аеродормот во Тулуз самоубиствен напад или престрелка, во петрохемиската зона на Јужен Лион напад со автомобил бомба, Европскиот музеј во Лил може да бид цел на самоубиствен напад, а можен е напад и врз мостот во Сант Назер. Европскиот парламент во Стразбур е идентификуван како место каде може да има престрелка, додека пристанишната зона во Марсеј – Фос да биде нападната со авион или дрон.

Листата е изработена според методот на предскажувачка анализа. Овие седум места се појавиле најчесто во дискусиите на лицата кои биле следени и прислушувани. Но тоа според телевизијата не значи дека тие се изложени на сериозна опасност. Властите од своја страна велат дека тие ќе бидат предмет на зајакнато обезбедување.