Идентификувани загинатите македонски планинари на Кајмакчалан

Телата на двајцата македонски планинари кои загинаа на Кајмакчалан се пренесени во болницата во грчкиот град Јаница (Ениџе- Вардар), откако беа извлечени од спасувачките екипи, дознава МИА.

Смртта на 28–годишната К.В. и 35–годишниот А.М., јавува дописникот на МИА од Атина, ја потврдија и од грчката противпожарна служба.

Во дел од македонските портали во неделата се наведува дека една од жртвите е Калина Велевска, голем вљубеник во планините и заедно со нејзиниот загинат колега биле членови на планинарското друштво „Трансверзалец – Скопје“, кое и е организатор на планинарската тура, а несреќата се случила најверојатно по пад во бездна.

Вчера во 14:30 часот, беше известена и веднаш се активираше нашата служба за спасување на две лица, кои исчезнаа на врвот од планината Ниџе. Поради лошите временски услови, силната бура и непристапноста на теренот, обидите за пронаоѓање беа залудни и продолжија и денес.

Во акцијата за спасување беа вклучени 16 противпожарни службеници во четири возила. Спасувачки екипи од противпожарната служба, со специјално возило, ги лоцираа исчезнатите лица на надморска височина од 2.524 метри и со специјална планинарска опрема пристапија и ги извлекоа мртви, 28 годишната К.В. и 35 годишниот А.М.

Телата во 13.30 часот денеска беа предадени на итната помош, соопштија од грчката противпожарна служба, објави МИА.