Идната недела почнува изградбата на клучката Смилковци

На 38-та собраниска седница пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Олга Најденовска постави три пратенички прашања до преставниците од извршната власт, од кои првите две беа упатени до Министерството за образование и наука, додека третото беше адресирано до преставниците од Министерството за транспорт и врски.

Првото прашање се однесуваше на изградбата на Основното општинско училиште „Вера Јоциќ“ во населба Хиподром Општина Гази Баба, кое треба да се гради со донација од кинеската Влада. Конкретното прашање гласеше, кога ќе започне со изградба ова училиште и дали има предвидена динамика за негова изградба.

Второто пратеничко прашање беше во врска со изградбата на Основното општинско училиште „Крсте Мисирков“ во населбата Ченто, чија изградба е предвидена во програмата на Владата на Република Македонија.

Одговорите на овие две пратенички прашања до Министерството за образование и наука, беше посочено дека пратеничката ќе ги добие по писмен пат.

Третото пратеничко прашање беше упатено до Министерството за транспорт и врски во врска со изградбата на клучката Смилковци, на обиколницата на Скопје. Изградбата на оваа клучка е предвидена во програмата на Владата на Македонија и нејзината реализација ќе значи подобра поврзаност на граѓаните од Општина Гази Баба со централното градско подрачје. Прашањето гласеше, кога се очекува да се започне со изградба на оваа клучка?

Одговор на последното пратеничко прашање даде министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој посочи дека веќе е потпишан договор за изведувач, добиено е и одобрение за градење, со што веќе наредната недела се планираат да започнат градежните активности кои ќе траат највеќе 12 месеци, во вредност од 40 милиони денари, согласно потпишаниот договор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.