„Иџипт Ер“ тврди дека нашле остатоци од исчезнатиот авион, Грците негираат

Потпретседателот на египетската авиокомпанија „Иџипт Ер“ Ахмед Адел, чиј авион исчезна од радарот над СредоземнотоМморе, изјави дека пронашле остатоци од леталото, пренесе МИА.

Пронајдовме остатоци од авионот, изјави Адел за Си-Ен-Ен.

Компанијата вели дека Египетското Министерство за надворешни работи потврдило во писмено известување до владата во Каиро дека грчките спасувачки тимови нашле остатоци во близина на грчкиот остров Карпатос.

Роднините на патниците во авионот „Иџипт Ер“ во исчекување на информации во Каиро
Роднините на патниците во авионот „Иџипт Ер“ во исчекување на информации во Каиро

Има толку многу причини поради кои авионот може да се урне. Засега немаме објаснување зошто се случило тоа. Потребно е да продолжиме со истрагата, објасни Адел.

Роднините на патниците во авионот „Иџипт Ер“ во исчекување на информации во Каиро
Роднините на патниците во авионот „Иџипт Ер“ во исчекување на информации во Каиро

Сепак грчките претставници ги негираат тврдењата на Египет дека грчките власти пронашле остатоци од авионот во морето, меѓу кои имало и два спасувачки елеци од авионот. Само еден час по известувањето на компанијата, Атанасиос Бинис, шеф на грчкото биро за истраги на авионски несреќи и на Одборот за безбедност во авионскиот транспорт изјави за државната грчка телевизија ЕРТ, дека „било докажано дека најдените предмети не се од авионот.“

Египетските власти сметаат дека авионот на компанијата „Иџипт Ер“, кој исчезна доцна синоќа, со 66 патници и членови на екипажот, не е соборен од бомба, туку дека станува збор за технички проблем.