Игра ли опозицијата опасна игра обидувајќи се трет пат да избегне избори?

Вчерашната размена на соопштенија и реакции околу распуштањето на Собранието и утврдувањето на 11-ти декември како датум за предвремени парламентарни избори и на крајот од денот го остави неодговорено прашањето – кој се обидува да и по третпат однапред договорените избори да не се случат.

Според политичките аналитичари, неизбежниот пораз на опозициската СДСМ на којшто укажуваат сите анкети на јавното мислење е причината поради која се прават игри во обид да се дојде до уште едно одложување на изборите, кои треба да стават крај на политичката криза во земјава.

Професорката на Правниот Факултет, Тања Каракамишева – Јовановска вели заради неуспехот на СДСМ да направи некакво позначително зголемување на партискиот рејтинг со употребата на цел арсенал „бомби“ и со комплетна наклонетост и сервилност на СЈО кон нивните интереси, државата и сите граѓани се принудени по трет пат оваа година да ги гледаат истите финти и политички зафрканции од оваа партија на дело.

„Се плашам дека и овојпат опозицијата игра опасна коцкарска игра со државата и дека планира повторно да го изигра она што по трет пат е договорено меѓу четирите најголеми партии, ЕУ и амбасадорот на САД.Од една страна, партиското раководство глуми дека наводно едвај чека да излезе на избори и да се соочи со волјата на граѓаните, но од друга страна, вистината е дека очај им извира кога ќе помислат дека повторно ќе треба да седат во опозициските клупи токму заради волјата на македонските граѓани. СДСМ не може да биде победник на предвремените парламентарни избори. Тоа го знаат и тие и сите во меѓународната заедница поради што се прават последните напори од нив СДСМ сепак да излезе на избори, но да не биде најголем губитник од вештачки наметнатата криза што ја направи токму оваа партија со покровителство на дел од меѓународниот фактор“, вели професорката Каракамишева – Јовановска. karakamiseva1

Според професорката причината поради која СДСМ инсистираше собранието да се самораспушти уште вчера е донесувањето на Буџетот.

„Оваа партија сака да нема буџет за наредната година, и да нема избори за да биде уште потешко за сите граѓани. Неколкупати до сега е потврдено дека само во услови на криза СДСМ е видлив на политичката сцена. Тие сакаат да ја продолжат сопствената видливост колку што може повеќе. Со продолжување на кризата тие остануваат главни на сцената. Со смирување на кризата тие стануваат нерелевантни.

Ако во понеделник се усвои буџетот и тие заедно со пратениците од власта се согласат на избори, СДСМ е многу повеќе од свесен дека се враќа во зоната политички губитник“, вели професорката по уставно право на Правниот факултет.

Политичката криза, вели професорката Каракамишева Јовановска, не може да трае вечно и мора да се заврши, а СДСМ ќе мора да се соочат со волјата на македонските граѓани на избори.

По целодневната преписка меѓу партии и неизвесноста спикерот Трајко Вељановски информираше дека иницијативите на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов и на СДСМ ќе се најдат на дневен ред в понеделник веднаш по точката за донесување на Буџетот за 2017 година.

Оваа одлука е донесена откако ВМРО ДПМНЕ соопшти дека за нив е прифатлива иницијативата на опозицијата само доколку претходно биде изгласан Буџетот за следната година со што ќе се обезбеди редовна исплата на платите, пензиите и социјалните надоместоци за граѓаните.

Додека од СДСМ на соопштението на Вељановски велат дека „пратеничката група на СДСМ и коалиционите партнери ќе присуствуваат и ќе гласаат за распуштање на Собранието денеска во термин во којшто претседателот на Собранието ќе ја закаже седницата, стои во соопштението.

Инаку, според дел од правните експерти Собранието треба да се распушти 60 дена пред изборите, а најдоцна 45 дена пред закажаниот датум. Но, според опозицијата и вториот дел од правниците одложувањето на распуштањето на собранието е противуставно и тоа мора да се случи на 60 дена пред изборите.