Их бре мајката, народов пак згреши!

Ете помина. Бидна. Толку очекуваниот и „неизвесен“ прв круг, првото полувреме, од претседателските избори во земјава заврши. Исходот добро познат. Многу на малку. Поточно ептен многу на малку.

СДСМ и нивниот Стево Пендаровски заостануваат „само“ 122.235 гласови зад Ѓорги Иванов и ВМРО ДПМНЕ. Сега ќе го чекаме вториот круг, второто полувреме. Ќе бил уште „понеизвесен“. Така барем тврди опозицијата. За нив борбата не е завршена. Очекувале „кец у два“. Пресврт.

Навистина се чудам. Им се чудам и неможам да им се изначудам. Однесување како на тотално неупатени во политика. Класични дилетанти. 122.235 гласови разлика, ќе ги надокнаделе?! Ама ајде, добро, нивно е да пробаат, па нека пробаат. Само да не искочи на крајот од вториот круг и на крајот од парламентарните разликата наместо да ја „стопат“, да им се види превисока, преголема. Да се најдат во бунар. Добро нека ги проверат резултатите од сите изборни циклуси од 2006 година, па се’ досега. Нека анализираат малку оние што се околу нив и нека им објаснат потоа.

Го слушав Пендаровски, онака попарен, вчеравечер. Што се вика наврнат, ко црковен глушец, ама малку порасположен од Тушева. Таа беше мрак. Стево, со половина уста рече дека исходот по првиот круг не бил резултат на политичката опција која го подржува Иванов. Е мој Стево. Зарем навистина стана толку површен? А на што е резултат?

Македонските граѓани одлично знаат дека државата подобро функционира кога има соработка меѓу претседателот и премиерот. Взаемната поддршка е неопходна. Но, не беше така со твојот бивш шеф. Ти тоа одлично го знаеш. Кочевте на секој чекор, ја користевте секоја можност за да ставате сопки, за партиски интереси, за да докажете и покажете дека другиот не го бива. Дури не сте ја поддржале иницијативата Македонија да ја тужи Грција во Хаг!

Народот знае дека сега само ќе го доживееше истото. Затоа одлучи како што одлучи.

Сличен став искажа и Заев.

Резултатот не бил вољата на народот. За него всушност и не ме чуди ништо. А зине, зелена кине. Тој е надвор и од времето и од просторот, заедно со се’ соработниците кои ги има. Изгубени се. Наместо да смислат програма, стратегија, да станат достоен политички противник, тие се опседнати со пропаганди и со лажење на јавноста. Но, најтрагично е што мислат дека може уште да го лажат народов, преку нивните пулени и новинари на социјалните мрежи, преку нивните информативни портали, весници, телевизии, фантомски и нефантомски рејтинг агенции…А на крајот излегува дека само се излажале себе си.

Не сфаќаат дека светот на „Фејсбук“, „Твитер“… сето тоа е виртуелно. Реалноста е многу далеку оттаму. И на крајот на краиштата нека ја прашаат професорката Билјана Ванковска. Таа најубаво знае.

Политиката бре не е бизнис со корнишони. И во тој бизнис, па нема лажи и превари. Се виде.

Но, дефинитивно СДСМ треба да сфати дека за да дојде на власт во земјава, треба да ги засукаат ракавите и да почнат со работа. Да се соочат со тоа дека правилата на политичката игра сега се многу поинакви. Во Охрид имаа шанса, ама ја прокоцкаа. Таму прокоцкаа 35 милиони евра. Сега им останаа уште Куманово и Струмица. Имаат власт таму. Таму треба да се докажат.

Ама како им се движат работиве, на крајот пак ќе им биде дека народов повторно згрешил. За се’ им е најмногу крив народот.