Илија Чашуле: Ставот на Бугарија е дека не постои македонски јазик

Професорот на Институтот за македонски јазик, Илија Чашуле го искажа на социјалните мрежи својот став во врска со контроверзното интервјуто на доцент Ана Кочева од Институтот за бугарски јазик кое ја разбранува македонската јавност.

Професорот Чашуле вели ,,Тоа што доцент Ана Кочева го кажува не е ништо ново. Ставот дека не постои македонски јазик, туку дека е писмено-регионална (термин што не постои во лингвистиката) форма на бугарскиот е официјален бугарски став со децении наназад’’.

Се поголем број на експерти го потврдуваат негаторскиот однос на Бугарија кон македонскиот јазик и народ. Бугарските таканаречени експерти пак по потпишувањето на договорот за добрососедство го покажуваат своето вистинско лице и го оправдуваат стравот кој постоеше во јавноста од овој договор.

Професорот со низа на факти ги деконструираше лагите на Кочева и ставовите на официјална Бугарија.

„Така што кога Кочева вели дека досега бугарските научници биле во заблуда а сега се освестени, тоа е уште една невистина која еден научник не смее да си ја дозволи. Воопшто искажувањата на Кочева покажуваат недостаток на елементарни познавања од областа на науката за јазикот (на пр. не прави разлика меѓу јазик и дијалект, терминот “деструктуиран” јазик не постои во науката и сл.), што покажува дека бугаристиката е во криза“, вели Чашуле.

Во врска со ставот на Кочева дека македонскиот е фалсификуван бугарски јазик, Чашуле потенцираше дека таа вели дека на сите им е јасно дека македонскиот е фалсификуван бугарски јазик.

„Не е јасно кои се сите, но во сите светски и славистички и балканолошки асоцијации, научни списанија, конгреси, класификации на јазиците, етимолошки речници, споредбени проучувања, докторски дисертации, во Општословенскиот лингвистички атлас и сл. македонскиот е полноправно признат. Значи тој став е само бугарски. Уште еден ненаучен и невистинит став на д-р Кочева“, посочува професорот.

За Илија Чашуле е нејасно како др. Кочева не прави разлика меѓу стандардизација и кодификациај на еден јазик. Македонија и македонскиот народ со жар и љубов го имаат прифатено македонскиот јазик, на македонскиот јазик е создадена извонредно богата литература, а да бил фалсификуван јазик на него немало да можат да се напишат и преведат стотици илјадници капитални дела од светската книжевност додаде тој.

Во последно време, а особено по потпишувањето на овој очигледно штетен договор за Македонија, бугарските националисти го напаѓаат македонизмот од сите страни. Застрашувачки е фактот што според еден бугарски портал дури 72 проценти од бугарите не го признаваат ниту македонскиот јазик, ниту македонската етничка припадност. Договорот за добрососедство помеѓу Бугарија и Македонија, бугарите очигледно гледаат како договор за асимилација на македонскиот народ, нешто што со векови се обидувале да го сторат.