Магазин

Илиќ: Задоволни сме од одзивот на креатори на Моден викенд Скопје

Илиќ: Задоволни сме од одзивот на креатори на Моден викенд Скопје

Деветтата сезона на Моден викенд Скопје која започнува денеска е во знакот на next nature таканаречена  „следна природа“ која ја дизајнираат новите културни навики и новата технологија водена од динамичното секојдневие. Обединетите црвена и плава преточени во магента, прелеани со раскошни 3Д цветови ќе го обојат модниот април.

Првата априлска недела ќе ја одбележат ревии на повеќе од 20 македонски дизајнерски имиња и модни куќи чиишто ревии ќе се одржат на повеќе локации низ Скопје.

Менаџерот за односи со јавност на Fashion weekend Skopje, Марија Илиќ во интервјуто за Нетпрес истакна дека се задоволни од одзивот на креаторите, иако не секогаш бројката е пресудна за успешно издание. Потенцираше дека во рамките на сите изданија, ги промовираат младите креатори. Секоја сезона се следи и одбира силен моден тренд. Се бара поддршка, инспирација, пролет, разнобојно,цветови, женственост, графика, принт, технологија.

Дали сте задоволни од одзивот на креаторите и модните брендови кои ќе учествуваат во рамките на ова пролетно издание на Моден викенд?

Илиќ: Со оглед на тоа што на ова пролет-лето издание учествуваат 20 модни дизајнери и модни куќи, треба да бидеме задоволни, иако бројот на учесниците не е пресуден. Како и секое издание се заложуваме за промоција на млади дизајнерски имиња. Покрај дебитантите ќе бидат претставени и победниците на проектот „Поп! Мода“, организиран во соработка со Амбасадата на САД во Македонија и Текстилен кластер Македонија на минатогодишното пролетно издание на FWSK Виктор Цветаноски, Ана Камчева и Алмир Мили кои ќе претстават капсулни колекции.

Ви забележуваат дека отстуствува учеството на звучни дизајнерски имиња.

Не се согласувам. На ова пролетно издание учествуваат Лидија Георгиева, Јасмина Дракул, Елена Лука. Речиси нема дизајнер кој не учествувал на досегашните изданија на Моден викенд Скопје. Нивното учество сепак зависи од тоа дали имаат извадено нова колекција. Не секогаш новините што имаат да ги понудат, се поклопуваат со одржувањето на настанот.

Со секое издание на Моден викенд Скопје упатувате некоја порака која се однесува на одредени теми, за подигнување на општествената свест. Годинава петмина македонски илустратори и графички дизјанирани дизјнираа маички „природата не е само зелена“ за да се упати порака за поголема свесност за екологија и важноста за рециклирање.

Покрај т.н „нова природа“(next nature) која е заштитен знак на пролетниот Моден викенд, FWSK се залага за зачувување на природата и зеленилото. Над 3000 пластични шишиња вода се употребуваат секоја сезона за време на Моден викенд Скопје. Од тие причини за големиот број на пасионирани модни вљубеници, „Пелистерка“,„Пакомак“ и FSWK одлучија оваа сезона сите посетители да конзумираат вода во хартиени чаши кои ќе бидат произведени од рециклирани материјали. Да ја сакаме природата во сите нејзини облици, природата не е само зелена.

Каков е одзивот на публиката?

Ова е настан од затворен тип, за секоја ревија се испраќаат покани, па отприлика околу 200 посетители има на секоја ревија. Настанот е доста добро покриен од страна на медиумите, а пораката до јавноста се  испраќа преку проекти со дизајнерите и компаниите.