Илинден доби пречистителната станица

Во рамките на реализацијата на капиталниот проект на Општина Илинден за изградба на фекална канализација за прифаќање и третман на отпадните води, во населба Илинден комплетно е инсталирана пречистителна станица, на која што деновиве е извршен технички преглед.

Пречистителната станица со капацитет за 1.250 жители е комплетно автоматизирана а има мала потрошувачка на електрична енергија и може да се надградува во согласност со зголемувањето на потребите. Сега претстои поврзување на пречистителната станица со канализациониот систем, каде што од предвидените 5.155 метри од системот, досега се изведени 3.470 метри.

Во селото Кадино, пак, каде што се гради вториот сегмент од фекалната канализација, а по поставувањето на пречистителната станица и извршените потребни тестирања на системот, во тек е изведба на приклучоци до индивидуалните корисници. Со изградбата на овој дел од канализацијата ќе се реши проблемот на над 300 семејства.

Досега е изграден и предаден во употреба првиот сегмент од фекалната канализација и пречистителна станица со капацитет за 1.250 жители во село Марино.