Илинден ќе добие приватна градинка и основно училиште

Приватна детска градинка и приватно основно училиште ќе се градат во општина Илинден.

На електронско јавно наддавање, фирмата „Изворче-Монтесори“ даде најдобра понуда и стана сопственик на градежна парцела во општина Илинден од 10.400 метри, на која ќе гради градинка и основно училиште.

Во рамките на „Монтесори“ комплексот, кој според инвеститорот ќе чини околу 1 милион евра, ќе биде формиран и научно истражувачки центар за деца.

Министерството за труд и социјална политика презеде повеќе мерки со цел да ги мотивира и поттикне приватните домашни и странски компании да инвестираат во отворање приватни градинки.

Во таа насока локалната самоуправа, следејќи ги стратешките определби на Владата, преку обезбедување на парцела со комплетна инфраструктура овозможи изградба на објект за згрижување и воспитување на децата.

Со реализација на проекти во делот на детската заштита, со кои се придонесува за зголемување на капацитетот за згрижување на деца од предучилишна возраст, општина Илинден им излегува во пресрет на потребите на граѓаните, создавајќи услови за просперитетна иднина на населението и заедницата.