Илиоски: Најави за нови дела на собирот на ВМРО – ДПМНЕ во Битола

На народниот собир на ВМРО-ДПМНЕ најавен  за утре во Спортската сала „Младост“ во Битола ќе испратиме позитивни пораки за единство, најави за нови дела со посветена работа и со чисти и искрени срца, со што сите заедно ќе покажеме како вистински се сака Македонија. Ова, во пресрет на утрешниот собир на владејачката партија, го изјави денеска Зоран Илиоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ ОК Битола.

Илиоски појасни дека собирот е од регионален карактер и на него се поканети и членови на ВМРО-ДПМНЕ од соседните Новаци, Могила, Ресен и Демир Хисар.

– На злонамерните скептици кои не престануваат грубо да го потценуваат и навредуваат народот, им порачуваме дека на собирот нема да се делат сендвичи, нема да има ни кафе, ни локум , ниту црни пропаганди за ширење омраза – тоа му го оставаме на СДСМ, рече Илиоски.

Тој потенцира дека идејата за одржување собири произлегла од нивни членови, поддржувачи, но и од граѓани кои постојано им укажувале дека чувствуваат потреба јавно да ја искажат својата поддршка на политиките на ВМРО-ДПМНЕ за, како што рече, продолжување на реформите, економски развој, подобрување на стандардот на граѓаните, инвестиции и нови вработувања и позитивна промоција на Македонија пред светот, наспроти мрачните деструктивни сценарија со кои сакаат сите да не вратат дваесет години наназад.