Илиоски: Неприфаќањето на петте забелешки за договорот со Бугарија е опасна игра за македонскиот народ

Зоран Заев на почетокот кажа дека за овој договор постои можност за поправање и договарање, а министерката за надворешни работи на Бугарија излегува и кажува дека овој договор е заклучен и затоа бараме итна седница, рече меѓу другото пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски, во емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5.

„На нацрт договорот којшто беше претставен на Комисијата за надворешна политика, како политичка партија, како пратеници од опозицијата, имавме круцијални забелешки. Ако тие круцијални забелешки се прифатат и се измени договорот, тогаш може да разговараме за добар договор. Доколку, пак тие забелешки не бидат прифатени, тоа е многу опасна игра за македонскиот народ, тоа значи уривање на македонскиот идентитет. Затоа побаравме итна јавна седница, нека го извадат договорот на Собрание“, истакна Илиоски.

Во врска со Законот за употреба за јазиците, Илиоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ во преговорите за формирање влада ги кажа своите „црвени линии“ и дека овој закон нема да го прифатат доколку во него се вели дека кој и да е друг јазик, во конктретниот случај албанскиот, е втор официјален јазик на целата територија на Република Македонија.

„Тогаш кажавме јасно и гласно дека за секое зголемување на правата на малцинствата во општините каде што живеат, без разлика дали се Албанци, дали се Роми, дали се Турци и сите други, стоиме на располагање да го дискутираме и да го разгледаме. Меѓутоа, втор официјален јазик на ниво на територија на Република Македонија нема да прифатиме“, нагласи Илиоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.