Илиоски: Скандалозната одлука на Апелациониот суд го поткопува правото и правниот систем

Апелациониот суд вчера потклекна под политичкиот притисок на СДСМ, на медиумите под нивна контрола и Специјалното јавно обвинителство, и донесе скандалозна одлука во спротивност со законот, изјави во саботата пред Апелациониот суд, Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот на најголемата парламентарна група во Собранието посочи дека скопскиот Апелационен суд го укина решението на Основниот суд во Скопје 1 со кое потследејќи ги законските одредби беше одлучено нелегално стекнатите прислушувани разговори да не бидат доказ во кривична постапка.

Со ваквиот потег, оцени Илиоски, судот направил класично прекршување на Законот и донесе скандалозна одлука спротивно на правото и спротивно на секоја логика и рационално размислување.

„Судот не издржа на политичкиот притисок на СДС и не си ја исполни законската обврска судиите да одлучуваат само врз основ на Устав и закон – и никако поинаку. Судиите имаат обврска да бидат личности со интегритет и да не подлегнуваат под никаков притисок. Со вчерашната потполно нездраворазумска одлука судот најдиректно го прекрши законот за кривична постапка, кој во член 12 став 2 вели максимално јасно и прецизно дека:

‘Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука’“, цитираше членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Појасни дека станува збор за член од законот кој е јасен и дециден и оти тој не остава простор да биде толкуван на поинаков начин, од тоа како што е напишан. Со ваквата скандалозна одлука на Апелациониот суд директно се врши ерозија на правото и правниот систем во Република Македонија, додека судството во очите на граѓаните се повеќе наликува на куклен театар, посочи Илиоски.

„Ова е многу опасно. Ова е сериозен и незаконски преседан и отвора можност незаконски прибавени докази да бидат дел од постапката со што директно го прекрши законот за кривична постапка. Сите ние граѓаните од денес треба да сме во неизвеснот и наместо да се потпираме на правото да зависиме од милоста на Заев и Верушевски кои сега ги имаат полугите на власта и ќе може уште повеќе да ги кршат нашите права и слободи“, предупреди претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Илиоски, исто така, рече дека неговата партија е „револтирана и згрозена од вакото неправо“ но и стовремено и порача дека.

„Ова нема да трае долго. Набрзо ќе има промени и СДС ќе замине од власт. Секој оној кој работи под диктат на СДС и вака ги крши законите за само да му се допадне и додвори на Заев ќе сноси одговорност и ќе одговара за своите постапки“.