четврток, 27 јули 2017  |  Вести денес: 9

Илиоски: Судовите да не станат дел од сценариото на оние кои се плашат од ВМРО-ДПМНЕ

Целта на политичкиот прогон е ВМРО-ДПМНЕ да се стави во нерамноправна положба за претстојните локални избори, оценува Илиоски

ilioski-2-640x426

Поврзани вести

ВМРО-ДПМНЕ го повикува судот и судиите, чесно и согласно закон да си ја извршуваат функцијата, а судот не смее да стане дел од сценариото креирано од оние кои се плашат од Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и кои сакаат да го урнат последниот бедем за заштита на државата и нејзините интереси, порача во петокот од пред Апелациониот суд, Зоран Илиоски член на Извршниот комитет на партијата.

Илиоски порача дека барањето за притвор од страна на Сепцијалното јавно обвинителство (СЈО) за раководството на партијата е со цел да се изврши притисок врз судиите да не ја поништат одлуката на првостепениот суд за мерките одземање на патните исправи и јавување во судот еднаш седмично. Според него, на ваков начин медиумите на владејачката СДСМ би добиле материјал неосновано да ги оцрнуваат функционерите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Донесените одлуки за одземање на патните исправи на функционери на ВМРО се под притисок на власта. Тоа јасно се гледа во образложението на одлуките каде не е наведен ниту еден конкретен аргумент за да бидат одземени патните исправи. Токму и првичното барање за притвор е одбиено, бидејќи не постои опасност од бегство, односно судот увидел дека се апсурдни, неосновани и политички барањата на СЈО“, констатираше Илиоски..

Порача дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема причина за бегство, бидејќи никој нема сторено никакво кривично дело, и оти обвинувањата против овие лица „се празни и без никакви докази“.

Станува збор, како што истакна Илиоски, за „чист политички прогон“, со цел власта да може порелаксирано да ги исполни дадените ветувања за смена на името на државата, името на јазикот, името на нацијата и воопшто идентитетот.

„Намерата на СЈО е сосема јасна, а граѓаните кристално чисто ја гледаат спрегата СЈО/СДС како политичка врска за прогон на ВМРО. Целта е ВМРО да се стави во нерамноправна положба за претстојните локални избори“, рече Илиоски.

Додаде дека судот мора да работи исклучиво врз база на објективна оцена на доказите во законска и правична постапка која е загарантирана и согласно Уставот и законите, а не врз база на сугестии и притисоци.

„Политички конструираните случаи на СЈО, ќе се изучуваат на сите правни факултети, како правни преседани и еклатантен пример за политички монтирани случаи. Наскоро сите инволвирани ќе се срамат од овој мрачен период на македонското правосудство“, рече уште Илиоски.

Предочи на крајот дека Функционерите на ВМРО-ДПМНЕ ниту се дале во бегство, ниту некогаш ќе го сторат тоа, како и дека доколку сакале да избегаат имале безброј шанси тоа и да го сторат.

„Сите засегнати имаат интерес овој циркус кој го приредува СЈО да заврши што побргу и во правична и законска постапка да ја докажат вистината пред сите граѓани на Република Македонија“, рече Илиоски.

Најчитани вести