Илјада лица на обука кај познати работодавачи

Илјада лица ќе бидат ангажирани за огласот кој утре ќе го распишат Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика, за обука кај познат работодавач.

Јавнот повик излегува утре, а можност за аплицирање имаат сите невработени лица, соопшти денеска министерот за труд, Диме Спасов.

„Во оваа мерка ќе бидат вклучени 1.000 лица и за спроведување на истата се одвоени 22,6 милиони денари. Обуката за невработените трае три месеци. Приватните компании можат да добијат максимален надоместок од 25 илјади денари. МИнатата година оваа мерка ја искористиле 569 лица, од кои 305 сега се вработени“, вели министерот Спасов.

Спасов изјави и дека од утре ќе почне да функционира маил системот за информирање на приватните компании преку кои тие ќе бидат запознаени со можностите и огласите на Агенцијата за вработување.

Директорот на АВРМ, Влатко Поповски, вели дека доколку приватната компанија одлучи по обуката да задржи лице помладо од 29 години, за неа ќе има низа бенефиции, како на пример една година ќе бидат ослободени од плаќање придонеси.

Оваа мерка досега ја искористиле 7.046 лица, од кои 5.340 склучиле договор, а од нив сеуште работат 4.471 лице.

За минатите огласи како финансирање преку грантови и кредитирање, Поповски истакна дека за финансирање преку грантови на јавниот повик се пријавиле 1.439 лица, од кои 1.214 продолжиле во следната фаза, а додека пак, за кредитирање по сите четири огласи имало пријавено по 160 лица.