Илјадници и натаму заглавени во Атланта (ВИДЕО)

Иако на аеродромот во Атланта снабдувањето со електрична енергија во понеделникот е нормализирано, илјадници луѓе и натаму се блокирани на најпрометниот аеродром на светот.
Аеродромот „Хартсфилд-Џексон“ во неделата попладнето по локално време остана без електрична енергија, што доведе до откажувања на илјадници летови. Станува збор за најпрометниот аеродром на светот со 250.000 патници и 2.500 летови секој ден.

Снабдувањето со електрична енергија е нормализирано во неделата ноќта, а првиот авион од Атланта полетал во понеделникот во шест часот утрото по локално време, или напладне по средноевропско време. Илјадници патници, меѓутоа, и натаму чекаат во аеродромските згради на своите откажани летови.

Фотографиите објавени на социјалните мрежи покажуваат дека во неделата на аеродромот владеел хаос и оти патниците останале во темнина. Некои пишуваат дека во авионите минале и по речиси шест часа.

Во тек е истрагата за прекинот на струјата, а локалниот дистрибутер  компанијата „Georgia Power“ соопшти дека вакви прекини се случуваа извонредно ретко.