Иловица ќе го подобри животот на локалното население

Домашни експерти, професори, странски независни реномирани куќи во делот на екологијата и заштитата на животната средина, учествуваа во подготовката на Студијата за влијанието врз животната средина на компанијата „Еуромакс рисорсис“.

Менаџерите на Иловица – Штука информираат дека на студијата се работело темелно и во две фази за период од две години, за кое време се испитувала моменталната состојба на теренот и сите неопходни параметри како воздухот, состојба на водата, прашината.

Компанијата од 2013 го следи квалитетот на медиумите на животната средина почнувајќи од квалитетот на воздухот, површински и подземни води , потоа биодиверзитетот, екологија, квалитет на почвите. Од сето тоа истражување се добиени податоци за постојните услови за животната средина и тие податоци се искористени за студијата, клучните наоди на оцена на влијанието во животната средина“, истакна Драги Пелтечки, локален раководител на проектот.

Откако студијата била изработена донесени се и заклучоци, а биле организирани и две јавни дебати во тој регион на кои жителите ги добиле сите потребни информации, велат првите луѓе на компанијата. Жителите побарале и дополнителни анализи, а компанијата се обврзала дека ќе ги спроведе. Од Еуромакс информираат дека граѓаните од околните села ќе добијат поквалитетна вода за пиење.

Дефинирани се неколку активности, во соработка со општината работиме за менување на водоводната мрежа, жителите ќе добијат пристап до чиста вода за пиење, во исто време за потребите на рудникот и филтер станицата Еуромакс соработува со водостопанство за да може да се донесе вода… Граѓаните и локалното население ќе добијат многу поквалитетна вода за пиење што ја имаат сега, во однос на квалитетот на воздухот утвдено е дека бучавата ќе биде многу минимална и ќе биде ограничена на зоната на самиот површински коп, рече Пелтечки.

Домашните експерти кои работеа на Студијата велат дека во нивното долгогодишно искуство досега немале контакт со толку детален, квалитетен и студиозен документ кои ги допира сите аспекти на можните влијанија на проектот врз животната средина и животот на населението, истовремено предвидувајќи елективни постапки за нивно намалување и грижа за унапредување на животот во подрачјето на зафатот.