Македонија,Економија

Ќе издржи ли државната каса уште еден финансиски товар? Има ли потреба и од каде пари: Социјалната пензија може да го чини буџетот и над 20 милиони евра годишно

Има ли потреба и од каде пари: Социјалната пензија може да го чини буџетот и над 20 милиони евра годишно

Македонија ќе троши до 26 милиони евра годишно за да исплаќа државна социјална пензија, покажале првични пресметки на Институтот „Фајнанс Тинк“.

Анализата се базира на податоци од анкетата за квалитет на животот за минатата година. Владата ја најави мерката, но не соопшти детали – колку луѓе ги исполнуваат условите за ваква пензија и колкав точно ќе биде износот што ќе го примаат со образложение дека анализата се уште трае. Уште не е јасно какви критериуми, освен навршените 65 години, идниот примател ќе треба да исполни за да добива секој месец надомест од државата, оти не успеал да стане редовен пензионер поради тоа што нема работен стаж од 15 години. За вакви луѓе мерката всушност и била креирана, а како таква стои и во изборната програма на партијата на власт СДСМ.

Но, какви ќе бидат последиците од оваа мерка, дали луѓето кои ќе ја примаат пензијата ќе станат помалку сиромашни што впрочем треба да е целта на некоја социјална мерка, и дали во услови на постојано зголемување на финансискиот кусок во државниот пензиски фонд (ПИОМ) за исплата на редовните пензии, ова е добро решение.

Експертите кои ги консултиравме имаат слични ставови како одговори на овие прашања– упатуваат на внимателност во креирање на мерката, за да не се доведе државата во ситуација да троши пари без да постигне некој ефект, или напротив да стимулира луѓе, наместо да работат да се повелкуваат од пазарот на трудот и да чекаат државна социјална пензија.

Инаку лица кои се постари од 65 години и кои се материјално необезбедни во нивното семејство, во земјава се корисници на постојана парична помош и за оваа намена годишно од буџетот се трошат по 2 милиони евра во просек.

Ќе има повеќе од 20.000 корисници

Пресметките на „Фајнанс Тинк“ покажале дека условите за државна социјална пензија, тие кои првично ги најави Владата, во земјава ги исполнуваат меѓу 20.000 и 22.000 луѓе.

До бројката во Институтот дошле преку анализа на Анкетата за квалитет на животот за минатата година, која е спроведена меѓу 1.200 домаќинства и 4.701 испитаник. Анализата покажала дека во земјава има од 22.000 до 27.000 жители кои имаат над 65 години, а кои не се пензионери односно немаат примања од старосна, семејна или инвалидска пензија. Сепак меѓу нив има такви кои имаат други примања, односно добиваат странска пензија, плата, пари од кирии, други добивки, кои нема да бидат опфатени со државната социјална пензија. Засега неодговорено е прашањето и по колку пари би добивале овие луѓе, иако од Министерството за труд и социјална политика ни потврдија дека најверојатно тоа ќе биде 40 отсто од просечната пензија во земјава. Од Фајнанс тинк на таа сума ја правеле и пресметката.

Оттука, aко се оперира со конзервативна бројка од 20.000 до 22.000 лица, кои се на возраст над 65 години и се подобни да добиваат социјална пензија, како и под претпоставка дека социјалната пензија би изнесувала помеѓу моменталниот износ на постојаната парична помош за самец (4.306 денари) и 40 отсто од просечната старосна пензија од 15.190 денари (што изнесува 6.076 денари), тогаш се доаѓа до вкупен годишен трошок за социјалната пензија од 17 до 26 милиони евра. Тоа е износ поголем од она што моментално се троши за социјална и постојана парична помош заедно, и е значителен, велат од „Фајнанс Тинк“.

Дали износот ќе биде значаен товар на буџетот на државата во време кога оттаму секоја година се повеќе пари мора да завршуваат во ПИОМ за да сервисираат обврските на државта кон пензионерите. Прашањата кои ги отвораат познавачите одат во насока на тоа колку оваа мерка е одржлива и сите се согласуваат дека ако за ова се одделуваат дополнителни пари сепак власта добро ќе мора да ги испитала можните ефекти.

Има ли потреба од „нулти пензиски столб“?

Економистите сепак имаат различен став во однос на потребата на воведување на оваа пензија. Според некои, државната социјална пензија може да исправи некои неправди кон лицата кои во транзицијата останале без работа па сега немаат доволен стаж за да земат пензија. Според други, во сегашниот систем на социјална заштита има простор за лицата за кои е намената пензијата и не оправдуваат да се воведува нов столб во пензискиот систем.

Професорката Јадранка Мршиќ, од Универзитетот „Американ колеџ“, на државната пензија гледа како дел од пензискиот систем. Сепак се согласува дека износот што државата ќе го исплаќа на корисниците на социјална пензија ќе ги зголеми вкупните трошоци за пензии, па смета оти тоа државата ќе го има в предвид.

На социјалната пензија треба да се гледа како на дел од пензискиот систем, таа е првиот столб на овој систем. Социјалната пензија е наменета за граѓани кои не остваруваат право на старосна пензија и ја надминале возраста за пензионирање. Цел на оваа пензија е да им се пружи минимална заштита на оние кои навлегле во неактивна доба и имаат минимални или немаат никакви приходи за да ги покриваат трошоците на живеење. Социјалната пензија игра улога на социјален стабилизатор и е важен селемент на правото на социјална сигурноист на постарите лица, вели Мршиќ.

Професорот Трајко Славески, поранешен министер за финансии пак има спротивен став. Тој вели дека идејата воопшто не е добра.

Не е добра идејата за менување на систомот на социјална заштита преку воведување на таканаречен „нулти столб“ во пензискиот систем, кој би обезбедил социјална државна пензија. Заштитата на овие лица треба да се бара во постојниот систем на мерки од областа на социјалната политика. Евентуалното воведување на овој вид на пензија би требало да се финансира од буџетот и да не се поврзува со постојниот пензиски систем. Сепак, негативните последици би биле значителни заради можните дисторзии кај на пример земјоделските пензии, вели Славески.

Можни ли се некои пореметувања на одредени пензии?

Земјоделските пензии, и според други анализи, се пунктот каде државната социјална пензија може да направи проблем. Тврдењата се дека ако износот, кој сега како пензија го земаат земјоделците е близок до тој што како државна социјална пензија ќе го исплаќа државата, тие можеби ќе немаат интерес да се пријавуваат и да плаќаат придонеси, туку ќе чекаат по навршени 65 години да земат државна пензија.

Токму затоа се порачува длабинска анализа, кој се може да биде вклучен, како оваа мерка треба да биде спроведена. Од „Фајнанс Тинк“ велат дека освен тоа што износот на социјалната пензија треба значајно да се разликува од износот на земјоделската пензија, креаторите на политиките во оваа насока мора да се фокусираат и на други „замки“ во однос на државната социјална пензија.

Првенствено, социјалната пензија треба да се доделува само на ниво на семејство, односно да ги исклучи лицата кои живеат со сопружник кој прима старосна пензија или кој има друг значаен приход. Потребно е да се извршат и пресметки за ефикасноста на ваквото трошење, особено што со овие потрошени средства ќе се придонесе кон понатамошно намалување на сиромаштијата, но со оваа мерка не може да се поттикнува активација на примателите поради нивната возраст. Оттука, Владата треба да изготви сериозна анализа за тоа дали вложување на овие средства во друга мерка, на пример некоја од постојните или нова активна мерка на пазарот на труд би придонела кон поголемо намалување на сиромаштијата, со истовремено намалување на невработеноста и поттикнување активација и инклузија на други ранливи групи во општеството, најзначајно младите и жените, сметаат од Институтот.

Од земјоделските здруженија велат дека државата најверојано ќе води сметка да не ги дестимулира замејоделците да чекаат само на пензијата од државата.

Таа мерка најверојатно ќе биде креирана да опфати одредена група луѓе и можеби ќе има привремен карактер и искрено не очекувам некои поместувања. Сепак мора да се почека на деталите, а не се исклчува можноста ако се е така како што сега изгледа, некои од земјоделците чии идни пензии очекувано нема да се високи, да се откажуваат од уплата на придонеси, вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на Земјоделци.

Диме Илиев кој е земјоделец и располага со поголем имот тврди дека во услови кога се знаат малку детали за социјалната пензија, може само да се даваат претпоставки. И тој сепак вели дека мора да се креираат мерки кои ќе даваат стимул земјоделците да уплаќаат пари за придонеси, а не спротивно.

Буџетот мора од некаде да се полни а и земјоделците од друга страна треба да сметаат на тоа како ќе живеат кога ќе остарат. Свесноста е важна и сметам дека тоа треба да се стимулира, а не да се носат мерки кои ќе туркаат одреден тип работници од пазарот, смета Илиев.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека се уште анализираат како ќе биде креирана државната социјална пензија. Ако се анализира само земјоделската пензија велат дека концептите се различни. Објаснуваат дека старосна пензија остварена со стаж на осигурување по основ на вршење на земјоделска дејност како индивидуален земјоделец се пресметува од основицата за плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување.

Ако пензијата остварена по основ на земјоделска дејност како индивидуален земјоделец е пониска од најнискиот износ на пензија, на корисникот му се исплатува најнизок износ на пензија која за стаж на осигурување од 15 години  изнесува 9.036 денари со што индивидуалните земјоделци се изедначени со корисниците на пензија кои оствариле понизок износ на пензија од работничко осигурување.

Износот на социјалната пензија се предвидува да изнесува околу 40 проценти од просечната пензија во Република Македонија или околу 5.000 денари. Корисник на пензија по основ на вршење земјоделска дејност е лице кое остварува приходи од вршење на земјоделска дејност како единствено и лично занимање и кое има земјоделски имот или земјиште под закуп. Социјалната пензија се однесува за лица кои се државјани на Република Македонија и немаат приходи ниту пак остварувале приходи определен минат период. Оттука, финансирањето на оваа категорија на пензија нема да се поврзува со придонесот за пензиско и инвалидско осигурување и нема да биде на принципот на „генерациска солидарност, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Според податоци од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), во јануари годинава земјоделска пензија земале 265 лица од кои кај 202 лица правото е по основ на семејна пензија, а само кај 63 станува збор за старосна пензија. Просечната земјоделска пензија во јануари изнесуваше 6.920 денари.

Предвидена е постојана парична помош

Инаку, според постојната законска регулатива, во земјава лицата кои се постари од 65 години можат да влезат во категоријата приматели на постојана парична помош. Впрочем корисници на ваква помош се лица кои се неспособни за работа и материјално се необезбедени, не можат да најдат средства за егзистенција врз основа на други прописи.

Според податоци од Министерството за труд и социјална политика во земјава постојаната парична помош се движи од 4.306 до 8.612 денари на месечно ниво. Најнискиот износ го зема лице кое е носител на паричната помош и е самец. По 6.028 денари зема еден носител со еден соуживател на правото, додека 8.612 денари месечно добива носител со двајца и повеќе соуживатели на правото.

Висина на постојана парична помош        
Носител самец4.306
Носител со еден соуживател на правото6.028
Носител со двајца и повеќе соуживатели на правото8.612

Податоците покажуваат дека државата годишно троши по околу 2 милиони евра за постојана парична помош и тоа на лица кои имаат над 65 години.

Во 2018 година евидентирани се 2.441 корисник, за кои до крајот на февруари се исплатени вкупно 182 илјади евра. Во 2017 година вкупната сума исплатена по основ на постојана парична помош за лица кои се постари од 65 години изнесува 2,2 милиони евра. Во таа година такви биле 2.746 корисници. Во 2016 година сумата е исто така околу два милиони евра.

КориснициПравоСредстваОсновГодина
2335Постојана парична помош79.870.549Лице постаро од 65 години2014
2450Постојана парична помош106.401.260Лице постаро од 65 години2015
2597Постојана парична помош124.185.981Лице постаро од 65 години2016
2746Постојана парична помош135.561.330Лице постаро од 65 години2017
2441Постојана парична помош11.182.324Лице постаро од 65 години2018

Владата ја најави државната социјална пензија и рече дека примената ќе почне од 2020 година. До сега не се соопштени многу детали, иако вицепремиерот Кочо Анѓушев во една прилика рече дека нема да има многу лица кои ќе ги исполнуваат условите.

Целта, како што велат, е да се опфатат и граѓани кои веќе имале период на осигурување и определен период на работен стаж во земјава, но тој стаж е под 15 години.

Автор: Александра Томиќ

Tекстот е продуциран во рамки на проектот од Finance Think „Поттикнување економска дебата во Македонија, базирана на докази и водена од податоци”,во рамки на програмата Цивика Мобилитас.