Има огромен пајак на каучот, што да правам! Најинтересните пријави во МВР

Повиците за полициска помош што можат да ве насмеат до солзи и да конкурираат за рубриката „верувале или не“ се случуваат и во Македонија и не се карактеристични како што сме навикнати да веруваме само за западноевропските земји и САД, пишува дневниот весник Нова Македонија.

Пријави од типот на онаа американската: „Има огромен пајак на мојот кауч, џиновски е. Никогаш не сум видела таков, не знам што да правам“, добиваат и македонските полицајци, пишува Нова Македонија.

Од Центарот за известување и командување при СВР-Скопје за „Нова Македонија“ издвоија неколку случаи на необични пријави на граѓаните на бесплатниот телефонски број 192.

Мајка и ќерка заминале на десетдневен одмор надвор од земјава, а една од првите работи што ја направила мајката по враќањето било тоа што се јавила на полицискиот број 192. Без да објасни зошто ги побарала, мајката веднаш почнала да ги навредува полицајците, а откако се смирила, тие побарале да им објасни зошто е толку револтирана.

Жената објаснила дека се преплашила кога влегла дома, бидејќи станот ѝ бил преполн со муви, кои влегле преку отворениот прозорец, оти таа во кујната оставила парчиња лубеница.

– На прашањето каде е виновна полицијата во нејзиниот случај, таа објасни дека живее на седми кат од зграда и оти нејзиниот стан може да се види и од Водно, а под тоа се подразбира дека може да се забележи и отворениот прозорец, раскажуваат од МВР.

Според жената, полицајците требало да најдат начин да влезат, да го затворат прозорецот и повторно да го заклучат станот. Таа додала и оти ако врнело и ако таа имала оштетувања од водата во станот, ќе го тужела Министерството за внатрешни работи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.