Има разлика и зошто СДСМ не е СИРИЗА

Од Грција „Чао бела“, од Македонија „Чао Заев“.

Грчката опозицијата славеше со своите сонародници, додека нашата се соочува со протести на гневните граѓани и кривични пријави за лидерот.

Залудно победата на СИРИЗА во Грција предизвика небулозен бран на воодушевување кај македонската опозиција и нејзините симпатизери, па дури почнаа и да се поистоветуваат – СДСМ со Сириза, Заев со Ципрас.

Алексис Ципрас дојде на власт благодарение на својата визија, на макотрпната работа како опозиција во грчкиот парламентот и нудење автентична програма која што народот ја избра, а тој веќе сериозно ја реализира. Заев и СДСМ, пак, сакаат да дојдат на власт, но не сакаат да учествуваат во работата на македонскиот парламент. Ниту, пак, сакаат и можат да дојдат на власт преку демократски избори благодарение на својата идеја, програма и работа. Во однос на реализацијата, единствено што тие остварија беше мрачната транзиција и криминалната приватизација.

Токму поради сето ова, тие на власт сега сакаат да дојдат соработувајќи со странски разузнавачки служби, кои што лидерот Заев го снабдувале со незаконски снимен материјал во рамките на шпионирањето на сопствениот народ.

Има разлика.

Разликата меѓу Македонец и Македонче е огромна, исто како и разликата меѓу СИРИЗА и СДСМ.

Ципрас вели завршивме со нарачките од странство, Заев од нив чека да го вратат на власт. Ципрас најавува враќање на достоинството на народот, Заев ни порачува да ја свиткаме кичмата. Ципрас се бори за економски просперитет на сите граѓани, Заев најави бркање од работа од хигиеничар до директор за потоа да ги вработеле нивните луѓе од СДСМ.

Дека Заев и партијата соработуваат со странските служби воопшто не е новост. Во низата гафови и бизарни потези тоа го потврди и самиот кога во една прилика изјави дека се мислел дали да го чека новиот американски амбасадор во Македонија пред да ја објави бомбата. Секако, веднаш по објавувањето на кривичната пријава против него, Заев на помош ја повика меѓународната заедница. Веројатно им се обрати на истите оние „странци, од надвор“, за кои што во СМС пораките до Мендух Тачи пишуваше дека го спремале за премиер.

И така, Заев ги повика странците да го ослободеле за да помогнеле во борбата за слобода и демократија. Демек, многу демократски е да се прислушкува сопствениот народ. Навистина, следењето на личните комуникации на граѓаните и државниот врв создава една крајно слободарска атмосфера.

Прашањето, кое што најпосле заслужува одговор, е што е она што партијата на Заев им го ветила на странците за неуморно и со нелегални средства да се борат за опозицискиот лидер недемократски да ја преземе власта? Поточно, што е она што непатриотската, флексибилна опозиција го ветила во замена за власт, откако ги даде и името и знамето?

Авторот е дописник на Нетпрес од Атина