Имам од Келн: Жените беа напаѓани затоа што провоцирале

Сами Абу – Јусуф, имам на салафистичката религиозна група во Келн предизвика остри реакции во германската јавност откако изјавил дека жртвите на новогодишните напади во Келн делумно самите биле виновни за нападите. Во своето ново интервју Абу Јусуф тврди дека неговите зборови биле извадени од контекст.

Прво, во интервју за рускиот телевизиски канал РЕН ТВ Абу – Јусуф изјави дека за нападите мора да се разговара отворено. Според него луѓето не треба да се напаѓаат меѓусебно затоа што тоа може да додаде масло на огнот. Во исто време тој со својата изјава дека една од причините за нападите и силувањата се самите нападнати жени кои што се облекувале провокативно, предизвика тензии во јавноста.

„Ако тие се полуголи и имаат ставено парфем не е изненадување доколку се случат вакви работи“, изјавил Абу – Јусуф.

Освен жестоките критики на ставот на имамот тој се соочи и со кривична пријава од страна на претставникот на партијата на зелените Волкер Бек по што во интервју за келнскиот весник „Експрес“ Абу – Јусуф изјави дека неговите зборови биле извадени од контекст.

Тој тврди дека не ги оправдал нападите врз жените туку дека само објаснил зошто тие се случиле, а за напаѓачите и сите други иритирани од начинот на облекување на германските жени побара да ја напуштат Германија ако тоа не им се допаѓа.

Тим од над 140 жени сеуште води истрага за повеќе од 800 напади од кои 350 се со сексуална природа за новогодишните напади во кои лица со „Арапско“ и „Северно Африканско“ потекло нападнаа стотици жени во Келн и други германски градови.