Имате идеја за бизнис? Аплицирајте секој месец за кредит за самовработување во АВРМ

Имате бизнис идеја, а немате пари за да ја реализирате? Агенцијата за вработување (АВРМ) ви нуди можност за кредит за да го остварите вашиот сон. На овој начин, директорот на АВРМ, Влатко Поповски, ја започна денешната пресконференција, на која ги наведе новините за кредитите за самовработување.

Имено последниот оглас за четирите активни кредити е распишан на први август, а за нив ќе може да се аплицира се до 22 овој месец. Новитетот е во тоа што, почнувајќи од август, огласи за кредити за самовработување ќе се распишуваат секој месец. Поповски нагласи дека во моментов АВРМ располага со доволно финансиски средства за да го овозможи тоа.

Кредити можат да се земат за четирите активни мерки и тоа: Проект за самовработување со кредитирање, Проект за самовработување со кредитирање за млади невработени лица до 29 години, Кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места, како и Проектот за Кредитирање на правни субјекти за отв орање на нови работни места за млади лица до 29 години.

„Заинтересираните невработени лице сите потребни информации за условите и кредитите можат да ги добијат на веб порталот на АВРМ, како и во нашите канцеларии.Исто така, за да им ја олесниме и подготовката на документи и на некој начин да им помогнеме, на веб страната поставивме и пример за тоа како треба да изгледа еден бизнис план“, рече Поповски.

Проектот за самовработување со кредитирање се спроведува од 2008 година. Како резултат на оваа мерка, досега се регистрирани 2.666 фирми, од кои денес успешно работат 2.096 од нив, а во нив работат 2.874 лица. Во рамки на оваа мерка, регистрирани се 1.331 земјоделци.

Проектот за самовработување на млади лица до 29 година, почна да се спроведува годинава. Според овој проект, младите лица можат да подигнат кредит во висина од најмногу 23 илјади евра. За оваа мерка аплицирале 123 кредитобаратели за вработување на 138 лица.

Мерката Кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места се реализира од 2008 година. Преку оваа мерка се склучени 456 договори, а досега вработени се 377 лица.

За последната активна мерка за Кредитирање на правни субјекти за отв орање на нови работни места за млади лица до 29 години на последниот оглас аплицирале 22 лица, за 36 места, а за овој оглас во мементов се одлучува.

На крајот, директорот Поповски, напомена дека најважно од се е невработените лица да не ја губат вербата дека никогаш нема да се вработотат и потенцираше дека огласите ќе се распишуваат секој месец, за оние кои аплицирале, а биле одбиени, да можат повторно да аплицираат.