„Имерисија“ : Новата грчка влада ќе биде исправена пред двоен финансиски предизвик

Следната грчка Влада, која ќе се формира по предвремените парламентарни избори закажани за 25 јануари, ќе биде исправена пред двоен финансиски кошмар, бидејќи ќе треба да ги решава проблемите поврзани со ликвидноста на банките, од една страна, и со опслужување на кредитните потреби на државата, од друга, пишува грчкиот весник „Имерисија“, пренесе МИА.

Весникот се повикува на оценката на грчкиот министер за финансии Гикас Хардевулис, кој за весникот „Волстрит џорнал“ изјави дека во моментов врз банките има реален притисок и тоа се гледа од фактот дека за само неколку дена од банкарските влогови на Грците се повлечени три милијарди евра. Тој, сепак, ја смири ситуацијата изјавувајќи дека во моментов повлекувањето на капиталот од банките е целосно под контрола.

Од овие причини, пишува весникот, има сигнали дека новата Влада ќе има многу малку време за да обезбеди нови кредити за земјата, додавајќи дека улогата на ЕЦБ во иднина ќе биде клучна за Грција.

Грција во декември западна во нова политичка нестабилност, што како последица ги има изборите на 25 јануари. Оттогаш фирмите и претпријатијата ги  замрзнаа инвестициите, приватизацијата е запрена и во буџетот има намалени приходи од даноци.

– Доколку оваа несигурност наскоро не се надмине можно е неколкуте месеци економски раст да бидат загубени, изјави министерот за финансии Гикас Хардувелис.