Името една од темите во парламентарната дебата за доверба на грчката Влада

Во грчкиот Парламент денеска почнува дебатата за гласањето доверба на Владата кое ќе се одржи во петок на полноќ, а се очекува една од темите за кои ќе се дискутира да биде и прашањето за името на Македонија.

Во дискусиите за името не се очекуваат отстапувања во ставовите на партиите, а во центарот на вниманието најверојатно ќе биде говорот на Венизелос на последното Генерално собрание на ОН.

Венизелос во Њујорк ги повтори добро познатите црвени линии на Грција во спорот за името: сложено име со географска одредница пред зборот „Македонија“, за секаква употреба.

Сепак, помалите партии, кои немаат моќ да понудат амбициозни економски програми, ставаат акцент на националните прашања, како што е името на нашата земја, со цел да придобијат што повеќе симпатизери.

Така, по говорот на Венизелос во ОН, се огласија повеќе политичари кои го обвинија дека го „продал“ името Македонија.

Последен се огласи лидерот на Христијанско демократската партија Никос Николопулос кој вчера изјави дека со тоа што Венизелос рекол дека ставот на „Грција е сложено име со географска одредница пред зборот Македонија, за сите намени“, – „фрлил бомба, создал опасен преседан, и ги превртува постоечките позиции дека Грција нема да признае име кое го вклучува терминот Македонија“. Николопулос инаку е поранешен пратеник на владејачката Нова демократија.

За „бомба Венизелос“, пишуваше и весникот „Димократија“ кој се смета за близок на владејачката партија на Самарас, а опомена стигна и од солунскиот митрополит, кој му порача на министерот за внатрешни работи дека „ќе биде опасно ако го даде зборот Македонија“.

По ваквите пораки упатени на негова адреса, грчкото Министерство за надворешни работи издаде соопштение во кое отворено беше истакнато дека е „корисно да потсети“ на грчките ставови „со оглед на тоа што некои екстремни кругови се прават дека не знаат ништо или се изненадени што дознаваат од говорот на министерот на овогодинешното Генерално собрание на ОН“.

Од друга страна, прашањето за името е една од ретките теми за кои најголемата опозициска партија се согласува со грчката Влада. Ставот на Сириза исто така е име со географска одредница за севкупна употреба.

Со оглед на постојаните обвинувања од страна на медиумите и опозициските политичари дека грчката Влада е под влијание на официјален Берлин, се очекува да се постават и прашања за евентуалната вмешаност на Германија во спорот за името.