Груевски: Постапките за имотот на ВМРО-ДПМНЕ се законски и транспарентни

Постапките за имотот на ВМРО-ДПМНЕ се законски и транспарентни и тоа може да се провери, истакна премиерот Никола Груевски на денешната седница за пратенички прашања.

Стојко Пауновски од СДСМ постави прашање упатено до премиерот, зошто ВМРО-ДПМНЕ купиле 63 објекти низ Македонија,  од каде собрале 11 милиони евра за таа намена и зошто го изградиле партиското седиште во Скопје.

Партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ партијата го стекна на начин што претходната зграда што ја имаше и дворното место што го имаше ги даде на јавен оглас и побара фирма инвеститор што сака да изгради соодветен објект од којшто една третина ќе припадне на партијата. Тоа се случи, се јавија повеќе кандидати, еден од нив беше избран, се изгради објектот и отприлика една целина од припадна на партијата на ВМРО-ДПМНЕ, рече Груевски.

Тој додаде дека останатите објекти, што партијата ги има купено во останатите градови се купени на законски и транспарентен начин и дека тоа секогаш може на кој било начин да се провери преку институциите.

Груевски го праша Пауновски дали знае како СДСМ се стекнала со партискиот централен штаб и рече дека тоа е направено со замена на државен имот за државен имот односно седиштето е во простории на Министерството за образование.

Дојдено е, појасни, на начин што денешната Влада порано била централен комитет на Комунистичката партија. СДСМ си го сметале за свој како Комунистичката партија да го градела од некои туѓи пари, а не од парите на граѓаните, па тој имот го замениле со објект на Министерството за образование којшто е денеска централата на СДСМ како замена. Значи државен имот со државен имот е заменет при што великодушно се враќа едниот државен имот на државата, значи партијата стекнат со парите на граѓаните на оваа држава, едниот имот којшто тој вели е поголем од тој што го земаат го отстапува за да го добие помалиот имот на Министерството за образование којшто денеска е централа на партијата на СДСМ и е поголема од централата на ВРМО-ДПМНЕ, рече Груевски.

Со  имот изграден од пари на граѓаните на РМ вршат замена за друг имот којшто е државен и којшто денеска е нивен партиски штаб, дополни Груевски, истакнувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ имотот постапиле на транспарентен начин, дека секаде може да се видат огласите и да се проверат договорите.

Според Груевски, објектот на СДСМ е државен,  и како што рече, граден и финансиран од средства на сите граѓани и оние коишто можеби ја поддржуваат денеска оваа партија но и многу повеќе коишто не ја поддржуваат.

Видовме што мисли народот и за вас и за вашата партија  и за вашите приказни. Продолжете така, слободно продложете со лаги, со невистинити, со манипулации, ама погледнете прво во својот двор што сте направиле и не само централата во Скопје туку и другите штабови што ги имате низ Македонија односно дел од штабовите како ги има стекнато вашата партија, кој ги градел, со чии пари се градени, а денеска си ги присвоивте за партијата, рече Груевски.

По ова координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ побара СДСМ да го врати објектот на Министерството за образование, а вети дека Владата веднаш ќе го реконструира објектот во студентски дом. Повеќе за ова на следниот линк.