Индија: Уапсен лекарот кој изврши масовна стерилизација на жени

Индискиот лекар што изврши масовна стерилизација на жени, од кои 13 починаа, е уапсен, соопшти денеска полицијата во сојузната индиска држава Чатисгар, пренесе МИА.

Активистите во Индија инсистираат на итна реформа на владината програма за планирање на семејството.

Осомничениот лекар извршил 83 операции за неколку часа над сиромашни жени во државен здравствен камп во дистриктот Биласпур во Чатисгар, а постои сомнеж дека инструментите со кои се вршела стерилизацијата биле заразени.

Лекарот именуван како Р.К. Гупта, за локална телевизија изјави дека не е виновен и дека бил под притисок од државата да ги исполни целите.

– Операциите минаа добро, но проблемот е со лекарствата што се дадени на жените, нагласи тој.

Стерилизацијата е еден од најпопуларните методи за планирање на семејството во Индија, а многу локални власти организираат кампови во кои се врши бесплатна масовна стерилизација на сиромашните жени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.