Индија воведе смртна казна за силувачи на деца

Индија го одобри воведувањето на смртната казан за силувачите на деца, во периодот кога земјата се соочува со растечкиот гнев на граѓаните поради серијата вакви случаи, како и брутални групни силувања на жени.

Измената на кривичниот законик се однесува на оние коишто се обвинети и осудени за силување на дете помладо од 12 години.

Последните седмици ширум Индија беа организирани масовни протести, откако осум членови на една локална банда во сојузната држава Кашмир силувале и убиле осумгодишно девојченце.

Владата е под жестоки критики, бидејќи не сторила доволно да ги спречи нападите од сексуален карактер од коишто многу вклучуваат деца.

Одреден број тешки кривични дела во Индија се казнуваат со смртна казна, но досега силувањето деца не беше вброени меѓу нив. Егзекуциите, сепак, ретко се спроведуваат, во последната деценија изведени се само три.

Речиси 19.000 случаи на силување деца се регистрирани во Индија во текот на 2016 година, што значи дека ги имало повеќе од 50 секој ден.