Спорт

Индијан Велс: Федерер лесно против Сок, Ѓоковиќ се намачи со сервисот на Иснер

Индијан Велс: Федерер лесно против Сок, Ѓоковиќ се намачи со сервисот на Иснер

Најдобрите светски тенисери во моментов Новак Ѓоковиќ и Рожер Федерер без поголеми проблеми ги поминаа своите пречки и обезбедија пласман во четвртфиналето од Мастерсот во Индијана Велс.

Се очекуваше потешка работа за Ѓоковиќ затоа што противник му беше Џон Иснер, тенисер кој последните години му прави проблеми, особено на турнири во САД. Сепак, со само еден брејк, и тоа во седмиот гем од првиот сет, и подобра игра во тај-брејкот во вториот сет, Србинот излезе на крај со американскиот џин и ја продолжи одбраната на титулата. Иснер повторно имаше одличен прв сервис, на крајот од 78%, но сега тоа не му помогна да слави.

Пречка за пласман во полуфиналето на Ѓоковиќ ќе му биде австралискиот тенисер Бернард Томиќ.

Федерер уште полесно славеше против Џек Сок со 2:0 (6:3, 6:2). Американецот не играше во досегашниот дел од сезоната поради повреда, па трите претходни натпревари на Индијан Велс не му беа доволни да ја достигне посакуваната форма. Во првиот сет се играше израмнето само во првите четири гема. Федерер освои четири од следните пет за водство од 1:0. Во вториот, швајцарскиот ас уште на старт ја покажа својата класа, поведе со 4:0 и остана само прашањето за конечниот исход.

За разлика од Ѓоковиќ, Федерер ќе има далеку потешка задача во четвртфиналето бидејќи го очекува дуел со Томаш Бердих.