Индиските компании преку Македонија до европскиот пазар

Македонија нуди поволни можности за инвестирање, а индиските компании и инвеститори може да ја искористат можноста преку Македонија да дојдат на европскиот пазар, беше истакнато на Бизнис форумот во градот Џајпур на кој владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски ги презентираше можностите и поволностите за водење бизнис во земјава.

Сопственикот на ланецот компании Солемн, Сјам Тандон, кој поседува повеќе бизниси од индустријата со метали и прехранбената индустрија даде позитивна оценка за можностите кои ги нуди Македонија за странските инвеститори.

– Ја видовме презентацијата на премиерот Груевски, даночната политика и олеснувањата, како и отвореноста кон странските инвеститори се добра можност за индиските компании и инвеститори да се поврзат и да ја искористат можноста Македонија да биде порта на инвеститорите. Индија се отвори за американскиот пазар минатата година и мислам дека треба тоа да го направиме и со Европа, а Македонија е вистинската порта за тоа, изјави Тандон.

Премиерот Груевски изјави дека Владата е фокусирана кон реализација на мерки за унапредување на економијата и кон овозможувањето на добра бизнис клима за што се преземаат бројни реформи, при што ги истакна и позитивните макроекономски индикатори.

– Она што е важно за Македонија е тоа што поседува стабилна макроекономска ситуација, и инфлацијата е ниска, и поседува стабилна валута. Тоа е голема предност и овозможува сигурност за компаниите и оние кои сакаат да вложуваат, изјави Груевски.

Посочи дека паралелно со реформите во економијата се вложува значително во развојот на информатичките технологии и во сите сегменти, а Владата организира бесплатни обуки за секој во државата, кој сака да користи компјутери.

g1

– Освен тоа што Македонија има факултети за информатички технологии се отвори и посебен Универзитет за информатички технологии во Охрид. Тој е државен факултет, наставата е на англиски јазик. Она што е важно за информатичкиот сектор е тоа што интернет пенетрација во 2006 година беше 9%, а денес е околу 70% со што имаме сериозен напредок во овој поглед, истакна премиерот Груевски.

Тој подвлече дека она што може да се понуди како потенцијал се и туристичките зони во кои може да се изградат хотели и туристички капацитети, и каде што постојат истите услови како и во слободните економски зони, даночни поволности, и земјиште кое се продава по почетната цена од 1 евро за еден метар квадратен.

Се осврна и на договорите за слободна трговија кои ги има потпишано нашата земја со што се обезбедува поголем пазар.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.