Индонезија ќе им ги поништува пасошите на оние кои биле во џихад

Соочени со се почестите појави на исламски радикализам и поддршка на џихадистичката група Исламска држава, властите во Индонезија одлучија да ги поништат пасошите на околу 500 нејзини граѓани кои учествуваат во борбите во Сирија и Ирак на страна на џихадистите.

Со тоа, објаснуваат властите, ќе се спречи можноста милитантните радикали да се вратат во Индонезија и тука да се обидуваат да создадат слична творба, особено ако пропадне идејата за опстанок на сегашниот „Исламски Калифат“.

Индонезија официјално се дистанцира од поддршка на ИД, но и покрај притисоците, влијателниот Совет на улемите во оваа држава со мнозинско муслиманско население, одбива да го прогласи ова радикално движење за спротивно на принципите на исламот и јавно да го осуди.

Индонезија е под притисок на соседите, особено од Сингапур и Малезија, да ја заостри борбата против пропагандата за поддршка и ангажирање на млади луѓе за учество во боиштата во Ирак и Сирија.

Министерот за правда Еди Пурдијанто денеска изјави дека наскоро ќе биде објавен декрет на индонезискиот претстеедател Јоко Видодо со кој попрецизно ќе бидат определени мерките за сузбивање на радикалниот ислам во Индонезија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.