Индонезија: Шестмина наркодилери егзекутирани

Ноќта меѓу саботата и недела во Индонезија беше извршена смртна казна над шест дилери на дрога, откриени и судени пред десетина години.

Ова се првите смртни казни извршени по доаѓањето на Јоко Видодо за претседател на Индонезија, кој иако беше под силен меѓународен притисок да ги помилува осудениците, издаде налог законот да се спроведува.

Најголема прашина беше подигната околу извршувањето на казните на нарко-дилерите од Бразил и Холандија. Во знак на протест против извршувањето на најстрогата казна над нивни сограѓани, амбасадорите на Холандија и Бразил денеска се повлечени од должноста во Џакарта и ја напуштија Индонезија.

Меѓу шестмината убиени пред стрелачки одред беа и две жени, едната од Индонезија, а втората од Виетнам. Еден од убиените е од Малави, а еден од Нигерија.

Официјална Џакарта, која одбива да ја укине смртната казна за нарко дилери и други тешки криминалци, со денови го оправдува чинот на стрелањето со фактот дека најмалку 50 луѓе во оваа држава дневно умираат како последица на користење на дрога.

Дури 45 посто од вкупната трговија со дрога во југоисточна Азија се одвива во Индонезија.

Уште 40 до 50 осуденици фатени при криумчарење на наркотици, на кои им е изречена најстрогата казна, чекаат во „редот на смртта’’, а меѓу нив повеќе од две третини се странци.

Според весникот „Џакарта пост“, на конечно извршување на смртната казна, или на помилување, во Индонезија моментално чекаат 138 осуденици.