Индустријата со позитивен раст

Со раст од 5,8 проценти во ноември, македонската индустрија ја продолжи позитивната серија којашто трае веќе 15 месеци. Во 11-те месеци од годинава, растот на индустриското производство изнесува 5,2 проценти, што претставува одличен резултат, анализира Лидер.мк.

Според македонските власти има повеќе фактори што влијаат на добрата кондиција на индустријата, која и во време на криза покажа исклучителна жилавост.

-Тоа е резултат и на странските компании коишто работат во индустриските зони и на политиките на Владата да привлече нови странски инвеститори, на одржувањето на добрата бизнис – клима во земјава со ниските даноци. Со помошта којашто им ја дадовме на домашните компании, со кредитите од 5,5 проценти, им овозможивме успешно да работат – вели вицепремиерот Ставрески.

tabela500

Во 11-те месеци од годинава, кај капиталните производи е регистриран раст од 48,7 проценти, додека кај преработувачката индустрија позитивата изнесува 9,7 проценти. Поволни движења се регистрирани во повеќе сектори кои се од клучно значење за домашната економија: кај производството на текстил, тутунски производи, во делот на хемиските производи, машините и транспортната опрема, фармацевтската индустрија.

-Индустриското производство бележи раст, што покажува дека го задржува значајното место во формирањето на домашниот БДП. Важно е да се задржи тенденцијата на раст“ – порачува универзитетскиот професор Томе Неновски.

-Лани бевме држава со трет најголем раст во Европа, а оваа година, заклучно со третиот квартал, Македонија е втора во Европа. Сериозен раст имаме и во делот на индустриското производство, кое е сегмент од БДП. Ние ќе продолжиме да се фокусираме на економијата, на отворањето нови работни места, фокусирани на помагање на стопанството, затоа што тоа е главниот двигател на отворањето работни места – порача премиерот Груевски.

Компаниите од слободните зони годинава работат со полн капацитет. Извозот надмина милијарда евра, па оттука и не треба да изненадуваат континуираните позитивни резултати во делот на индустријата.

-Странските инвеститори во слободните економски зони даваат огромен придонес во извозот на македонските производи, особено во делот на производство на елементи што се вградуваат во финалните производи – објаснува потпретседателот на ССК, Сеад Кочан.

Со слична оценка е и Народната банка во последниот преглед на тековните состојби.

-Најголем придонес за растот остваруваат новите странски капацитети (пред сè производството на моторни возила), како и производството на прехранбени производи. Врз основа на сигналите добиени од Анкетата за деловните тенденции во преработувачката индустрија, ваквото остварување во најголем дел се поврзува со растот на извозните порачки и растот на искористеноста на индустриските капацитети – пишува во последниот преглед на монетарните показатели изготвен од Централната банка.

Во идната година треба да се очекуваат уште подобри резултати, бидејќи постепено се зголемува и соработката на странските со домашните фирми, кои во производствениот процес се вклучуваат како добавувачи.

-Поголем број локални и регионални компании ќе најдат можности за соработка, со што се мултиплицира ефектот на инвестицијата, се придонесува за намалување на невработеноста, за зголемување на економската активност и на крајот, за подобрување на животниот стандард на граѓаните, смета првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.