Индустриските- зелени зони одлична можност за домашните инвеститори

Индустриските-зелени зони регулирани со закон од пред 1,5 година, се одлична можност за домашните потенцијални вложувачи. Засега интересот е многу мал, но тоа може да смени, доколку со најавените измени на правната рамка се донесат конкретни решенија, согласно барањата на компаниите, велат од УСАИД проектот за инвестиции во чиста енергија, пренесува МИА.

– Неопходно е измените да бидат во насока на точно дефинирање кој може да биде сопственик на зоната, под кои услови може да влезат инвеститорите и дали ќе имаат некакви бенефиции како што нудат дел од земјите во регионот – давање земјиште без пари или под многу мал закуп, неплаќање на комуналиите во првите години, веќе направена инфраструктура,.., рече директорот на УСАИД проектот Самир Латиф на денешната прес-конференција во Стопанската комора.

Следните неколку месеци ќе се прават компаративни анализи со Србија, Словачка и Данска за да се утврдат, нагласи Латиф, праксата и легислативата во овие земји по прашањето за зоните.

– Втората фаза ќе биде фокусирана на компаниите од Комората, дали и колку се тие заинтересирани за ваков вид инвестиции и што им е потребно за да ги реализираат. Мора да се направи математика – под кои услови ќе влезат и што ќе добијат, истакна директорот.

Компаниите кои работат во делот органско производство, енергија од обвноливи извори и производи од рециклирање, се најпогодни за индустриските-зелените зони зашто единствено тие не ја загадуваат средината.

Индустриските-зелени зони се само една од активностите на УСАИД проектот за инвестиции во чиста енергија, а се спроведува во соработка со Министерството за економија.

фото: МИА