Македонија

Инфоден за програмата „Еразмус плус“ во соработка со град Скопје

Инфоден за програмата „Еразмус плус“ во соработка со град Скопје

Студенти, ученици, наставници и професори, општинската администрација и активисти во цивилниот сектор денеска учествуваа на првиот Инфо ден одржан во Скопје, како дел од новиот циклус на промотивни активности за програмата „Еразмус плус“, во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Македонија и Град Скопје, пренесе МИА.

Директорот на Националната агенција Дарко Димитров и претставниците на Агенцијата, Лулеса Илјази и Никола Јаулески, ја претставија програмата на Европската комисија во делот на образованието, обуката и младите, „Еразмус плус 2014-2020“, како и иницијативите на ЕУ, „Еуропас“ и „Евридика“.

Димитров најави дека ќе продолжи соработката со Град Скопје и останатите локални самоуправи во Македоија, се со цел мобилизација на училиштата и цивилниот сектор за поголемо учество во програмата Еразмус +.

Учесници на денешната трибина беа охрабрени да земат директно учество во трите клучни акции наменети за учењето преку индивидуални мобилности, соработка за иновација и размена на добри практики, како и поддршка на реформата на политиките кои ги покриваат сите типови на активности. Токму, програмите се со цел учесниците да се стекнат со искуства од своите врсници и колеги од цела Европа.

Како програма, „Еразмус плус“ им нуди на заинтересираните да партиципираат во друга програмска држава за учење, стажирање, предавања воедно да обучуваат или развиваат професионални вештини и компетенции, но и да развиваат билатерални и мултилатерални партнерства, зависно од секторот.

Вкупниот буџет за ЕРАЗМУС+ изнесува 14.7 милијарди евра, зголемувајќи го претходно постоечкиот буџет за сите програми за 40 отсто. Нуди зголемени можности за учење во странство за ученици и наставен кадар. Грантираните проекти ќе обезбедат обука за приближно 4 милиони лица и 125.000 организации.

Учесниците на Инфо ден покажаа интерес за клучна акција 1 – „Учењето преку индивидуални мобилности“ која создава можности за индивидуите да ги подобрат своите вештини, подобрување на вештините за вработување и зголемување на културната свест.

Димитров ги покани присутните да учествуваат на Валоризационата конференција, која ќе се одржи на 3. февруари, при што ќе бидат презентирани успешни приказни од програмите кои управува Националната агенција. Присутните на конференцијата ќе можат да добијат јасна слика за можностите кои ги нуди програмата Еразмус + како и да споделат идеји за идни проекти.