Информации за „Македонија вработува“ на штанд пред ТЦ Бисер

Тимови на Агенцијата за вработување на Република Македонија на штанд поставен пред ТЦ Бисер во општина Аеродром на заинтересираните граѓани ќе им даваат информации за поволностите што ги нуди проектот „Македонија вработува“ вечерва, во периодот од 18 до 21 часот.

Преку овој проект за нешто повеќе од еден месец, колку се спроведува, работа добиле повеќе од 1.600 лица, од кои деведесеттина постари од 58 години.

­ Со овој проект се подобрува вработиливоста на огромен број на невработени лица во нашата држава. Со него ќе може да се вработат оние коишто се до 35 години старост, а се само три месеци невработени. За нивно вработување фирмите ќе бидат ослободени од плаќање на придонеси три години со обврска една година да ги задржат на работа.

За граѓани од 35 до 50 години предвидено е пет години ослободување од плаќање на придонеси со обврска работодавачот да ги задржи плус една година на работа.

За оние над 50 години има пет години ослободување од плаќање на придонеси, а за највозрасните над 58 години ослободување од плаќање на придонеси се до нивното пензионирање, како и петгодишно ослободување на плаќање на придонеси за вработените приматели на социјална парична помош, самохраните родители и родителите на деца со пречки во развојот, лицата со инвалидност, професионалните војници кои се без работа.