Инфраструктурни проекти во општина „Карпош“

Жителите од урбаната заедница „Владо Тасевски“ за 30 дена ќе добијат две нови реконструирани улици. Станува збор за улиците „Рампо Левката“, на која што во моментот се врши поставување на нова атмосферска канализација, а потоа следува реконструкција на коловозот, како и обновување на асфалтот на улицата „Ристо Равановски“. Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски во изјава за медиумите, подетално образложи за инфраструктурниот проект.

Претходно по улицата „Дрезденска“, уште во 2011 година направивме една капитална инвестиција, а тоа е атмосферска канализација со којашто сите овие улици што гравитираат кон оваа улица ги поврзавме со атмосферска канализација. Моментално се работи на атмосферска каналзиција на улицата „Рампо Левката“, и на истата ќе се изврши реконструкција на коловозот  како и на коловозот на улицата „Ристо Равановски“. Со тоа практично во овој дел на Општината, односно во месната заедница „Владо Тасевски“, сите проблеми кои ги имаат граѓаните во врска со атмосферска канализација, ги решаваме. Тоа значи дека граѓаните од овој дел од Општината нема да имаат никаков проблем при поројни дождови и поплави, рече Јакимовски и упати апел до граѓаните од овој дел, олуците да ги пренасочат кон улиците, односно одводнувањето од покривите да оди во насока на улиците бидејќи овој дел од Општината е покриен со атмосферска канализација.

Доколку тоа не го направат, при поплави и несакани поројни дождови, жителите во подрумските простории или пак оние кои живеат на најниската точка, ќе имаат проблем со изливање на фекланата канализација каде сега им се насочени олуците, прецизираше првиот човек на Општината.

Целата оваа инвестиција чини над пет милиони денари кои се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа, а се очекува инфраструктурниот проект да заврши во наредниот месец.