Иницијатива Јабланица – Шибеник да стане заштитено подрачје

 

Градоначалниците на Струга и Вевчани, како и на албанските општини, Либражд, Стеблева и Луник со поддршка за иницијативата планинскиот масив Јабланица – Шебеник  да се прогласи за прекугранично заштитено подрачје.

Струшкиот градоначалник Зиадин Села вели дека доколку Јабланица се поврзе со планинарски патеки би имале размена на туристи во двете земји кои би уживале во убавините на планината.

Според градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски прекуграничното заштитено подрачје може да донесе само бенефит на населението.

– Ја поддржувам иницијативата и сметам дека ние пограничните општини од Македонија и Албанија треба да соработуваме повеќе бидејќи туристите од странство не сакаат само лежење на плажа туку сакаат за време на својот престој освен Струга и Охрид да се прошетаат и во планина и да видат нешто поразлично од масовен туризам, затоа треба да работиме заеднички кон подобрување на услугите и кадарот за да го развиваме екотуризмот, изјави Угриноски.

Градоначалниците од општините Стеблева, Либражд и Луник при посетата во општина Струга и Вевчани го пренесоа позитивното искуство, бидејќи Јабланица-Шебеник функционира како национален парк веќе шест години во Албанија.

– Ве поддржуваме и охрабруваме да ја поддржите иницијативата Јабланица да се прогласи за национален парк, бидејќи кај нас значително се подобрија работите откако има поголема контрола на ресурсите од една страна, а самиот регион полека но сигурно станува бренд за планински и еко туризам, изјави граночалникот на општината Центар Либражд, Енвер Шкурти.

Средбите на градоначалниците од Македонија и Албанија се дел од посетите за размена на искуства организирани од страна на Македонско еколошко друштво во рамки на ИПА прекуграничниот проект „Подобрување на прекуграничната соработка и развој на планинскиот масив Јабланица – Шебеник преку активна вклученост на локалното население“, финансиран од ЕУ.